Погрешно бев разбран, се правда митрополитот Петар по изјавата дека жените му се подвластени на мажот и се виновни за разводите и падот на наталитетот.
Вели дека не одредувал тој кој е глава на куќата, туку само интерпретирал извадоци од Евангелија.
Владиката Петар во својата велигденска порака рече:
„Јас тврдам дека жените или ќе ја спасат, или ќе ја уништат нашата македонска нација и нашата Црква, затоа што она што ќе се зачне во утробите на мајките, треба да се роди ако сакаме да опстоиме и како нација и како народ и како држава и како Црква“.
Владиката вината за високата стапка на разводи во државата ја гледа кај жените, поради нивната потреба да имаат одлучувачка улога во семејството:
-Разводите за жал се чести дури и кај нас православните, оние што се венчале во Црквата. Голем дел од нив се разведуваат заради тоа што не сакале да се покажат смирени, заради горделивоста, заради тоа што сака секој да командува, заборавајќи на тоа дека глава на куќата е мажот, а жената е повластена на мажот, но не во смисла да и се одземени правата, таа има поголеми права од мажот, рече владиката Петар.
По оваа изјава на владиката, остро реагираа Хелсиншкиот комитет и женските организации.