Кочењето на измените на Законот за заштита на сведоци кои ги бара обвинителката Катица Јанева покажува дека партиите на власт се плашат од обезбедувањето заштитени сведоци во случаите на СЈО, велат нашите соговорници.
Власта бега од користењето заштитени сведоци од СЈО како ѓавол од крст, вели пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за НОВА.
Тој вели дека парламентот деновиве ја блокира работата на СЈО и ги охрабрува институциите да не соработуваат со ова обвинителство, при што се случува системско спречување на правдата, но истовремено се зголемува и револтот на граѓаните кон судот и власта.
„Но повеќе од јасно е дека нема правда без претходни промени. Очекувам да се подготви закон и достави во Собраниска процедура и отвори расправа. Ако владејачкото мнозинство не го подржи истиот ќе се изгласа после изборите. Сакам да ги охрабрам потенцијалните сведоци кои ги предлага СЈО да сведочат јавно во суските постапки,затоа што јавноста ќе биде најголема нивна заштита. СЈО опстојува затоа што има подршка од 70% од граѓаните“, вели Трајанов
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вчера изјави дека тие нема да ги поддржат трите барања на Јанева – измена на законите за заштита на сведоци и приватноста, почитување на препораките на Венецијанската комисија, како и продолжување на рокот за работа на СЈО.
„Обезбедивме се што беше потребно. Буџет, средства, вработувања, простории, логистика и се она што и беше потребно. Се сменија потребните закони, заедно усогласени со опозицијата и не сметаме дека има потреба од негово проширување, надградување или правење на некој нов договор“, рече Груевски.
Според пратеникот Павле Трајанов, посебните истражни мерки, меѓу кои се наоѓа и заштитениот сведок, во последните шест години, во голема мерка се злоупотребуваат за дискредитација и казнување на политичките противници на власт, како во случаите „Лубе Бошковски“, „Шпион”, „Агент” и други.
„Во неколку случаи веќе е потврдено дека се работи за лажни заштитени сведоци. Предлагав промени на законот и барав таму каде што има сомненија дека судските одлуки се засноваат на лажен сведок да бидат преиспитани или да се создадат законски основи за отворање на „досието” на лажниот заштитен сведок. Ваквите состојби ги познава власта и се плаши од овој силен инструмент и затоа бега од користењето на заштитен сведок од СЈО како ѓавол од крст“, смета Трајанов.
Нападите демонстрираат страв наместо сигурност
И според поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, нема рационална и логична причина зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува измените на Законите за заштита на сведоци и приватноста.
Недоличното однесување на пратениците и вербалните напади кон Јанева, според него покажуваат страв, наместо сигурност во она што го прават.
„Не се работи само за Катица, владее еден страв, пратениците не знаат како да демонстрираат сила, а бидејќи пратениците ја немаат силата на доказите, се однесуваат вака. Бесмислен е отпорот и не гледам причини за него. Таа сака да ги расчисти сите околности околу многу проблематични случаи кои ја потресоа целата јавност. Остануваат тешки сомневања во врска со тие предмети во јавноста, добро е што овие предмети ги презеде СЈО и нејасно е зошто е таков отпорот кога таа кажува дека е клучно за да навлезе во случаите. Се надевам Јанева ќе најде излез од тоа, ќе најде инструменти, мора да се истера до крај“, вели Андов.
Тој смета дека меѓу граѓаните се создава морничава атмосфера кога за големи случаи како „Монструм“, државата е немоќна да истера правда, што е понижување и за самата држава.
„Груевски непотребно дава такви изјави, тој е потписник на некои работи, треба логиката да ја следи на тоа што го потпишал, а не да дава нелогични изјави“, додава Андов.
Каревска, Грчева и ДПА уште без став
Пратеничките Роза Топузова Каревска и Солза Грчева се уште немаат изградено став за тоа дали ќе гласаат за измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара Јанева.
Солза Грчева за НОВА вели дека таа уште лани кажала дека рокот од 18 месеци не е доволен за работата на СЈО и затоа ова барање на Јанева ќе го поддржи.
„За другите барања во однос на измените на законот за заштита на сведоци, треба да го видам текстот на измените кои се бараат, и да го анализирам, за да кажам дали ќе го поддржам“, вели Грчева за НОВА.
И Роза Топузова Каревска вели дека се уште не знае како ќе гласа за барањето на Јанева. „Досега нема никаква иницијатива, има процедура во Собранието кој и што може да бара. Сакам да ги видам иницијативите, да видам колку тие се издржани. Ако Катица има таква иницијатива, преточена во закон да дојде во Собрание со образложение и врз основа на тоа да донесам заклучок“, вели Топузова Каревска.
Пратеникот на ДПА, Имер Алиу исто така засега не коментира дали ќе ги поддржат измените кои ги бара обвинителката за Законот за заштита на сведоци.
„Знаеме како оди постапката, кога ќе има официјално материјал тогаш ќе се изјасниме“, вели Алиу.
Пратеникот на ДУИ, Талат Џафери неодамна за НОВА изјави дека „обвинителката Катица Јанева ни под разно не може да бара измена на закони“. Повеќе детали за односот на ДУИ и останатите партии кон ова прашање, на следниот линк.
Иницијативата за измени на законот Јанева ја поднесе до Собранието уште во април. НОВА викендов го објави предлогот за измените кој таа го бара од пратениците, за како што рече, обвинителството да може да навлезе во сржта на предметите за Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“.