Првичната истрага за смртоносните напади на Шри Ланка, во кои загинаа над 310 лица, покажува дека станува збор за одмазда за Крајстчрч, изјави заменикот-министер за одбрана Руван Виџевардене.
– Првичните резултати покажуваат дека она што се случи на Шри Ланка е одговор на нападите против муслиманите во Крајстчрч, изјави пред парламентот Виџевардене.
На 15 март во Крајстчрч на Нов Зеланд во напад на две џамии беа убиени 50 муслимански верници.
Во меѓувреме терористичката група „Исламска држава“ презеде одговорност за нападите.
Во изјавата лиферувана од новинската агенција Амак, која е поврзана со ИД, се посочува дека цел на нападот биле „христијани и луѓе од држави кои ги бомбардирале териториите на ИД“.
„Извор од безбедносните сили за агенцијата Амак изјави дека извршителите на нападот кои целеле граѓани од земјите кои се дел од коалицијата предводена од САД и христијани во Шри Ланка беа војници на Исламската држава”, се вели во соопштението.
Во соопштението не се дадени други детали, ниту е понуден доказ за ваквите тврдења.
Телевизијата Скај њуз објави снимка од потенцијален извршител на еден од терористичките напади на Шри Ланка.
На снимката, направена неколку секунди пред нападот, се гледа како темнокос маж, со голем ранец, оди кон црквата. Во моментот кога влегува внатре, снимката нагло запира.
Во неделата, на католички Велигден, на Шри Ланка избувнаа серија експлозии. Првите шест експлозии беа во три цркви и три хотели , седмиот во западниот дел на островот, а осмиот во станбен комплекс во Коломбо. Според локалните медиуми нападите ги изведоа бомбаши-самоубијци.
Во Шри Ланка денеска Ден на национална жалост поради смртта на 310 лица кои загинаа во бомбашките напади во неделата, а над 500 се повредени.
Земјата е во вонредна состојба, а целата нација денот го почна со триминутно молчење за да оддаде почит на загинатите.
Владата во Коломбо вчера го впери прстот кон џихадистичката група Нешенал Тохид Џамат како одговорна за нападите, иако никој засега не ја презеде одговорноста. Досега се уапсени 24 лица. Владата исто така посочи дека самоубиствените напади се изведени со помош на меѓународни мрежи.
– Имаше меѓународна мрежа без која овие напади не би успеале, изјави портпаролот на Владата, Раџит Сенаратна.
Во соопштението од Владата се наведува дека претседателот Маитрипала Сирисена ќе бара меѓународна помош за пронаоѓање меѓународни врски со напаѓачите.
– Во разузнавачките извештаи се укажува дека странски терористички организации стојат зад локалните терористи, се наведува во соопштението од канцеларијата на претседателот и се додава дека тој затоа ќе побара помош од странски држави.
Властите признаа дека имале сознанија дека се можни терористчки напади, но за тоа што тие не биле спречени, одговорноста меѓусебе си ја префрлаат Владата и претседателот.
Шри Ланка со децении, се до 2009 година, војуваше со талибанските сепаратисти. Бомбашките напади во главниот град за време на тој период беа чести. Локалните христијански групи истакнуваат дека во последниве години тие се соочуваат со повеќе заплашување од некои екстремни будистички монаси.
Од вкупно 22 милиони жители на Шри Ланка, околу 70 отсто се од будистичка, 12,6 од хиндуистичка, 9,7 од муслиманска и 7,6 отсто од христијанска вероисповест. Во последниот извештај на Стејт департментот за човековите права на Шри Ланка се наведува дека некои христијански групи и цркви информирале за притисок да ги завршат молитвените средби откако властите ги оквалификувале како „неодобрени собири“. Во извештајот се посочува дека будистичките монаси редовно се обидуваат да ги затворат светите места за христијаните и муслиманите.





