“СДСМ очигледно тоне и гледа дека нивната деструктивна политика не минува кај народот”, соопшти ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на писмото кое претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го испратил до амбасадорите гаранти на договорот од Пржино во кое тој предупреди на повеќе чекори на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што се во насока на уривање на изборниот процес и натамошно усложнување на политичкиот кризен амбиент во земјава.
Како основа за ваквата загриженост Заев укажал на следниве две работи:
– натамошната политичка инструментализација на Уставниот суд и неговото неизјаснување за уставноста на Законот за СЈО, може да предизвика темелна деструкција на политичкиот процес и оцекувањата за демократска разврска на постојните политички конфротации;
– натамошната политичка злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и правната држава, во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент во пресрет на декемвриските избори и правото на граганите да бидат дел од изборниот процес;, пишува во соопштението од СДСМ до медиумите.
Во својата реакција ВМРО-ДПМНЕ додава дека “аболицираниот криминалец Заев сфаќа дека го очекува најголемиот пораз на изборите во декември и затоа е исплашен. Затоа почнува да бара алиби повторно да избега и да не се соочи со граѓаните на избори. Затоа бара алиби да ја продолжи кризата, бидејќи само во таков амбиент може да биде некаков фактор.Инволвирањето на Уставниот суд од страна на Заев е измислување на нов услов за изборите, исто како и условувањето со носењето на буџетот за идната година. Македонија мора да продолжи да функционира без разлика на блокадите од СДСМ. Тој што ќе победи на изборите може да направи ребаланс на Буџетот, доколку смета дека е тоа потребно. Аболицираниот криминалец Зоран Заев знае дека ќе изгуби. Негово е да се жали до амбасадите, но бегање од волјата на народот нема”, се вели во реакцијата.
На ова одговори СДСМ велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се во паника:
“Токму затоа прават се за да не се дојде до избори и до понесување одговорност. Токму затоа сите делувања на ВМРО-ДПМНЕ се во насока на минирање на изборите закажани за 11 декември. И токму затоа претседателот на СДСМ Зоран Заев упати писмо до амбасадорите во кое укажува на намерите на ВМРО-ДПМНЕ за саботирање на претстојните избори.
СДСМ е решена изборите да се случат на 11 декември и од тоа не отстапува. Изборите се неопходен исчекор кон надминување на политичката криза и кон градење на демократски капацитет во државата, вредност која е во интерес и на СДСМ и на граѓаните на Македонија.”