Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Татко ми ме тераше да го газам.

Ќе легнеше мешечки на креветот, а јас ќе се потпрев со едната рака на ѕидот и ќе му се качев со нозете на грбот, да го газам, како што се газат комиње. Секогаш ми беше страв да не му скршам некоја коска или да не му скинам некој мускул. Понекогаш ќе викнеше: не ми виси на грбот како пеперутка, гази како маж. И кога ќе го нагазев појако, тој ќе почнеше да стенка и да офка, ох,ох, ох, тоа, тоа, тука, тука…

Како да имаше некоја „ге“ точка меѓу плеќите.

Тоа беше нашата тајландска, кинеска и јапонска масажа во домашна изведба.

Денеска мене нема кој да ме гази.

Освен времето и глупоста.

Забележувам дека идиотлукот и злото што ги емитира вмро ја имаат и таа, ајде да ја наречам, добра страна, ми ги масираат мозокот и нервите и не ми даваат да отупеам, да потонам во некое старско лебдило на умот и снагата, во некое спокојство со кое на станицата Пиду (Кетрин Зита Џонс и Шон Конери во „Замка“ на Џон Амиел од 1999) ќе се чекаме.

Смртта и јас!

Хахаха.

Секое лошо за добро.

Има смисла таа народна изрека.

Вмро-дпмне е убаво либрето за опера.

Познато е дека приказните во оперите се вулгарност, кич и војничко протонацистичко народништво.

Овие се создадени од тоа и за тоа.

Јас би можел да бидам македонскиот Верди.

Всушност, веќе сум.

И неговиот либретист во исто време.

Море и диригент ќе бидам.

Хахаха.

Модерна постановка.

Македонија е Дездемонда која ја убива Жмицко, кој е Отело и се сомнева дека сопругата му набива рогови со комуњарите, Димче е интригантот Јаго. Општа калакурница. Останува уште Отело да се убие. Ако може, час поскоро.

Хахаха!

Но, тоа трае, јебо те бог, не се слуша.

Мислам операта.

И најубавата арија звучи како да ја пее некоја свиња на колење.

Публиката останува во салата, но игра јамб.

И одвреме-навреме вика:

Уа, вмро!

Така што така е како што напишав во постот од завчера.

Макар што можеби не изгледа така:

Дека масата во македонскиот казан благо истинува.

Ќе проверам уште еднаш, но веќе сега се осмелувам да кажам дека тоа е најдобрата вест за Македонија уште од победата кај Херонеја.

Хахаха!

Не се заебавам.

Не знам дали ќе се согласите, почитувани, но мене ситуацијата ми личи на ајварот во финишот на пекот, кога престануваат големите и чести клокоти и наместо тоа одвреме- навреме, но сѐ поретко, ќе пукне некое мало клокотче како балонче.

Тлото се смирува.

Сепак.

Го изедовме сопствениот гнев.

Или гневот ни ја изеде моќта.

Нѐ шкопираше така што не можеме повеќе чесно ниту да мразиме, ниту да се глупираме.

Мислам дека уште малку, па ќе станеме убаво издресирани коњи.

Што е добро.

Подобро фини коњи, отколку диви Македонци.

Инцидентот во Охрид е симптом на смирувањето, не на ескалацијата.

Периферни срања, како последни обиди со нечовечност и смрдеа, со жртва, за жал, да се скршне историјата и да се спречи големиот подвиг на граѓаните: Европа, здај!

На македонскиот народ посебно.

Затоа што тој е темата на скршнувањето.

Можеби треба да обрнеме внимание на тезата за Дарвин како алтернатива на Хегел. Хегелијанизмот подразбира дека биолошкото и историското се два различни процеса. Но, можеби, историското се одвива природно. Што ако е некој вид на еволуција, која не може да се предвиди? Импликациите на Дарвин можат да бидат опасни: Опстанокот на најспособните предизвикува сомнежи и страв како и опстанокот на најсилните. Тоа значи дека ако останеме сами ќе наебеме со гаранција. Така ќе биде и според Хегел и особено според Дарвин. Затоа е нужно да не сме сами. И слаби. Храна за силните и способните. Туку со нив.

Не можеме да преживееме со вмро.

Пуританизмот е варијанта на морален кич.

Вмро е морален кич по дефиниција.

Национален пуританизам (ах, колку глупаво звучи ова) одглумен од македонски глумци во патриотски филм.

Значи срање.

Зло облечено во пердуви.

И уште нешто: Ако на еден режим може да му се суди по тоа што им прави на противниците, овој нашиот, демек, „хибриден“ режим, е хуманитарна организација за своите противници.

И за луѓето е, но тие живеат со маската на претставата што им е ставена на главата.

Како аристократски дами ја гледаат операта со двогледи од балконот на македонската Ла Скала.

Еве уште три основи на мојот оптимизам.

Со кого македонските националисти можат да влезат во конфликт, а да не наебат уште пред да почне конфликтот?

Добро, по некој Бугарин или Албанец може да настрада, не велам не, но, тоа се ситни сатисфакции на лудаците за поморот (Коцарев) на целиот род.

Тоа нема да е како во други случаи, почеток на конфликтот, туку крај.

Тоа нема да биде рехабилитација на македонштината, како што им се чини на идиотите во ману, туку енд.

Така што капацитетите на македонскиот национализам, се охрабрувачка категорија.

Втората охрабрувачка категорија се меѓународните сајли со кои е фиксирана Македонија како ненарушлива димензија на регионалната рамнотежа, баланс, стабилност и мир.

И третата е надежта дека луѓето ќе почнат да се освестуваат каде води хистеријата во која ги вовлекоа лудаците од вмро.

Во Свети Николе би рекле: ги с’скаат како кучиња.

Јас мислам дека тој процес е почнат.

Нека да повториме: Инцидентот во Охрид не е знак за ескалација на говњариите на вмро, туку реакција на смирувањето.


Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот. | Извор: FRONTLINE