Како мала земја, без излез на море и високо променлива клима, каде 19 отсто од населението се издржува од земјоделство, Македонија е чувствителна на климатските промени.

Со климатските трендови се отсликуваат зголемување на температурите , намалување на нивоата на врнежи со веќе нагласена топла и сува клима, која е склона кон крајности какви што се топлотни бранови, суши, поплави, шумски пожари и друго.

Македонското земјоделие веќе ги чувствува последиците од глобалното затоплување. Посевите се поплавуваат од силните дождови, кои се резултат на пребрзото топење на снеговите, а од пресилното сонце доматите горат и поцрнуваат.

Во Македонија веќе има иницијативи што треба да им ги олеснат последиците од глобалното затоплување на земјоделците, но и на локалните заедници. Една од нив е и проектот на Milieukontakt (Контакт со природата), холандска иницијатива, која работи и во Македонија и која се обидува да ја крене свеста за глобалното затоплување, како и да изгради капацитети за локалните заедници полесно да се справат со неизвесната иднина.

За жал, последиците од драстичните промени во климата ќе бидат значителни и во голем дел единствено нешто што ќе може да се направи е тие да се менаџиираат, но не и да се спречат.