Властите во Бања Лука ги откажаа сите активности и прослави по повод новогодишните празници.
За првпат по војната, во Бања Лука нема да има новогодишна прослава, бидејќи сите настани се откажани поради безбедноста на туристите и граѓаните, изјави градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојчиќ, на вонредната прес-конференција, по синоќешните случувања во градот за време и по митингот „Правда за Давид”, чие одржување беше одобрено претходно.
„Нека оваа тишина ја разберат оние кои треба да го решат случајот Драгичевиќ, нека разберат органите кои прават или не прават овој случај да се реши и нека чујат граѓаните на Бања Лука и нека размислат дали нам ни треба убав и добар град во кој заедно ќе живееме и ќе работиме заедно“, изјави Радојчиќ.
Поради вчерашните протести претпладнево откажани беа голем број манифестации, со образложение дека не смее да се ризикува безбедноста на граѓните. Градоначалникот потврди дека од безбедносни причини нема да се одржи ни вечерниот концерт. Од 26 март на Плоштадот во градот се одржуваат собири „Правда за Давид“.
Давид Драгичевиќ, беше 21-годишен студент по електротехника од Бања Лука кој исчезна ноќта меѓу 17 и 18 март 2018 година. Полицијата го пронајде неговото тело на 24 март во устието на притоката Црквена во реката Врбас, кај тврдината Кастел во Бања Лука.
Полицијата прво категорично тврдеше дека смртта е „несреќен случај“, за по неколку месеци Обвинителството да отвори истрага за убиство. Истрагата беше изнудена од секојдневните протести на родителите на Давид на кои се придружија и нивни сограѓани.




