Оливер Ивановиќ беше погребан денеска во Алејата на заслужни граѓани во Белград. Освен семејството и партиски колеги, од Ивановиќ денеска се простија голем број граѓани од цела Србија кои од утрото оддаваа почит на убиениот политичар од Косово. Погребот беше без говор, јави Танјуг.
Оливер Ивановиќ лидер на Граѓанската иницијатива Србија демократија правда беше убиен во вторникот пред седиштето во Косовска Митровица.
Делегацијата на Владата ја предводеа премиерката Ана Брнабиќ и директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.
На погребот беа и поранешниот претседателот на Србија Томислав Николиќ, голем број министри и градоначалникот на Белград Синиша Мали.
Српски медиуми јавија дека сопругата на Оливер, Милена Ивановиќ изјавила дека веќе никогаш нема да се врати на Косово.
– Јас и синот завршивме со Косовска Митровица, градот на стравот, темнината и болката. Нашиот Оливер го даде животот за Косово и кога бараше заштита немаше никој. Сега за него велат дека е херој, а каде беа кога ни требаа најмногу?, изјави таа.




