Почна акцијата за спасување на 12 деца и нивниот тренер од пештерата Там Луанг во Тајланд каде што се заробени од 23 јуни.

Групата e заробена на мал гребен на 4 километри во внатрешноста на пештерата, но поради стравувањата дека  нивото на водата може да се зголеми,  официјалните лица одлучија дека повеќе не смеат да чекаат.

Во акцијата за спасување на децата од пештерата во Тајланд учествува и Данецот Иван Караџиќ. Овој четириесет и четири годишен нуркач вели дека е оптимист за акцијата која почна денеска  за спасување на децата.

 Тој во интервју за „Вечерни новости“  вели: „Направивме значаен напредок. Сите сме расположени и многу сум оптмист. Ќе ги извадиме од таму. Не сум сигурен за временската рамка“ вели  тој.

Спасувачката акција започна утрово во 10 часот по локално време и се претпоставува дека на искусните нуркачи ќе им бидат потребни 11 часа да стигнат од влезот на пештерата до децата и назад. Поради тоа, Би-би-си наведува дека првото дете најрано би можело да биде спасено околу 21 часот по локално време.

Според планот што го објавија властите во Тајланд,  двајца нуркачи ќе придружуваат по едно момче, а низ пештерата ќе ги влечат со јаже.

Кога ќе наидат на тесен премин, нуркачите ќе ги отстрануваат боците со кислород од грбот и ќе ги истркалаат низ премините.

Во спасувачката операција вклучени се вкупно 18 нуркачи, од кои 13 се странци. Делови од пештерата и натаму се под вода па за минување низ некои премини ќе мора да се користи нуркачка опрема.

Според планот, децата ќе биде поделени во 4 групи – тренерот ќе биде во последната група. Најголем предизвик ќе бидат тесните премини низ кои децата ќе мораат да нуркаат.

Регионалниот гувернер Наронгсак Осотанакорн, кој ја предводи операцијата, рече дека повеќе не смее да се чека.

„Ова е денот Д. Мора да ја искористиме оваа можност. Децата беа посетени од лекари, кои заклучија дека тие се физички и психички подготвени. Тие се посветени и фокусирани. Групата и нивните семејства дадоа дозвола извлекувањето да почне што е можно поскоро“, изјави Осотанакорн.

Групата момчиња на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25- годишен тренер заробени се во пештерата од 23 јуни, кога силните дождови го затворија патот за излез од пештерата.

Би-би-си,  објави и видео-снимка од внатрешноста на пештерата на Тајланд во која се наоѓаат момчињата.