За три месеци во Македонија вкупно 11 лица заболеле од морбили. Пет од нив воопшто не биле вакцинирани, соопштија од Институст за јавно здравје.
Се смета дека причината за зараза со мала сипаница е престојот во Косово и Србија, заради фактот што во инкубациониот периодот престојувале во овие земји, додека четири случаи од Скопје имаат фамилијарна поврзаност. Останатите случаи се со непознато потекло.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, хоспитализирани биле 7 од заболените лица, а кај два случаи се регистрирани компликации во вид на пневмонија.
Од ИЈЗ препорачуваат да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор, а матичните лекари и педијатри доколку увидат сомнителен случај да го пријават до надлежниот Центар за Јавно здравје.
Од Институтот за јавно здравје велат дека лицата кои имаат морбили мора да се хоспитализирани, а службите на територијата на РМ да вршат засилена контрола, како и проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.