Во Москва во петокот навечер е убиен водечкиот опозициски политичар, поранешен заменик премиер, Борис Немцов. Непознат напаѓач четири пати пукал во опозиционерот, а според руското МНР, тој бил застрелан во грб. Од куршумите Немцов починал на место.
Телевизиската станица РЕН соопштува дека тој е убиен на Бољошој камени мост. Според информации на телевизискиот канал, врз политичарот било стрелано од автомобил со бела боја.
Тој е убиен после неколку часа откако повикуваше на протести во недела во Москва против војната во Украина.
Борис Ефимович Немцов е познат руски политичар, пратеник во собранието на шестиот состав на Јарославската област, еден од основачите и лидер на Обединетото демократско движење „Солидарност“, копретседател на политичката партија РПР-ПАРНАС, член на Координациониот совет на руската опозиција.
На 17 март 1997 година тој беше поставен за вицепремиер на Владата на Русија. Од 25 април до 20 ноември 1997 година Немцов беше министер за горива и енергетика на Русија, а од 22 мај 1997 година до 1 октомври 1998 беше член на Советот за безбедност на Русија.
Во својата понатамошна кариера Немцов најпрво беше силен поддржувач на политиката на Владимир Путин. По извесен период тој преминува во опозицијата со постојани барања за заминување на Путин од чело на државата.




