Синоќа околу 22 часот протестите на црногорската опозиција се претворија во немири и повеќе инциденти беа регистирани.
Приведен е еден од лидерите на опозицијата Андрија Мандиќ а претседателот на Парламентот Ранко Кривокапиќ свика за денес состанок.
Протестите пред зградата на Парламентот синоќа почнаа откако полицијата не го прифати барањето на лидерите на опозицискиот фронт да ги пушти нивните претставници на да влезат во зградата.
Тоа предизвика инциденти. Беа фрлани камења, шишиња, петарди и молотов коктели врз зградата а полицијата одговори со солзавец и шок бомби. Демонстрантите потоа се разбегаа по околните улици па судирите продолжија. Според информации на ТВ Црна Гора група демонстранти со капи фантомки тргнаа кон Владата но таму ги пречекаа специјалните полициски сили.
“Во Подгорица по синоќешните немири спречена е ескалација на насилството и воспоставен е јавен ред и мир”, соопшти Министерството за внатрешни работи. Министерот Ратко Коњевиќ рече дека се повредени 15 полицајци од кои еден потешко а 24 граѓани побарале лекарска помош поради хемиските средства што биле употребени за бркање на демонстрантите.
Коњевиќ соопшти дека е приведен лидерот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ. На прашањето на новинарите дали овие немири можат да се наречат обид за државен удар, министерот одговори дека во наредните денови тоа ќе го кажат другите државни органи.
Организаторите на протестот од Демократскиот фронт бараа од премиерот Мило Ѓукановиќ и Кривокапиќ да поднесат оставка и да ги прифатат барањата на опозицијата и граѓаните за преодна влада.
Утринава во Подорица е мирно и засега нема најави за нови протести. Се очекува денес да се одржи состанок на Колегиумот на Парламентот на кој се повикани и претставници на опозицијата.




