Во голем пожар во складиште со контејнери во југоисточен Бангладеш загинаа најмалку 28 лица, а повеќе од 100 се повредени, соопштија официјални лица. Меѓу загинатите се и пет пожарникари а 15 се со изгореници.

Пожарот во контејнерскиот објект избувнал вчера вечер во Ситакунда, 40 километри од пристанишниот град Читагонга, предизвикувајќи повеќекратни експлозии на контејнери по големата експлозија на местото.

Пожарникарите утрово сè уште го гаснат пожарот, изјави претставникот на противпожарната служба Фарук Хосеин Шикдер. Експлозијата го потресе квартот, а прозорците на околните куќи беа искршени, изјавија локалните жители. Бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи некои од повредените се во критична состојба, изјави хирургот на Читагонга Мохамед Елијас Хосеин. Меѓу повредените има и пожарникари и полицајци, рече тој.

Тој ги повика сите лекари во областа да помогнат, а жителите итно да даруваат крв.

Не е јасно што го предизвикало пожарот. Пожарникарите рекоа дека се сомневаат дека можеби потекнува од резервоар со водород пероксид и брзо се проширил во другите резервоари. Во областа Патенг во Читагонг во 2020 година, три лица загинаа откако резервоар со нафта експлодираше во складиште за контејнери. (МИА/АП)