Над 10.000 американски граѓани годишно се жртви на огнено оружје. Во споредба, многу малку Американци се жртви на терористички напади. Од 11 септември 2001 година годишно од 9 до 74 Американци загинуваат во терористички напад.
Ова се податоците на сајтот Вокс кој направи споредба која ќе ја најдете на сликата овде.
Овие податоци ги коментираше претседателот Барак Обама кој во четвртокот, по нападот со огнено оружје во Орегон во кој загинаа повеќе лица во еден универзитет, побара промена на законот за носење огнено оружје.
Откако дојде на власт во 2009 година, Обама постојано бара промена на овој закон за да се даде нова рамка за носење на оружје. Тој побара од медиумите да известуваат за споредбата на бројот на жртви во оружени напади и терористички акти во текот на последната деценија.
«Потрошивне повеќе од илјада милијарди долари, донесовме огромен број закони и им дадовме многу работа на нашите служби во борбата и превенцијата на тероризмот. И тоа е добро. Но јасно е исто така дека Конгресот го блокира дури и собирањето податоци за бројот на жртви од огнено оружје и начините како тоа да се спречи. Како е ова можно?», налутено извика Обама во четвртокот.
Неделава најмалку 15 луѓе загинаа, а над 20 се ранети при вооружен напад во колеџ во во американската сојузна држава Орегон. Полицијата го совладала и уапсила напаѓачот, чии мотиви за нападот се уште остануваат мистериозни.
Напаѓачот е убиен во текот на пукањето со полицијата на местото на настанот. Според медиумите се работи за Крис Харпер Мерсер, 26 години кој бил «наоружан до заби» и пукал врз полицијата која одговарала и го убила, јавува полицијата.
Полицијата не ги потврди шпекулациите според кои напаѓачот барал од жртвите да кажат дали се христијани пред да пука. Според сведочењата на соседите на убиецот за Њујорк Тајмс, станува збор за мирен човек кој живеел со мајка му и кој бил секој ден облечен во војнички чизми, бела мајца и војнички панталони и не бил пријателски расположен кон соседите.




