Министрите за земјоделство од регионот денеска во Сараево договараат заедничка реакција по одлуката на Хрватска да ги зголеми давачките за увоз на овошје и зеленчук од 12 на 270 евра.
Хрватска со правилник пропиша воведување на инспекциски надзор и контрола на поголем број видови овошје и зеленчук кои се увезуваат од трети земји и енормно ги зголеми давачките за дури 22 пати.
Со овој Правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 €) по производ, на 2.000 куни (274 €) по производ.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот.
Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ смета дека одлуката на Хрватска е спротивна на принципите на слободната трговија. Покрај домаќинот Шаровиќ, на состанокот во Сараево ќе присуствуваат министрите од Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и од Косово.
Српските медиуми во меѓувреме објавија дека владата во Белград подготвува остри мерки против хрватската мерка. Од саботата освен овошјето и зеленчикот на строги контроли се подложени и сите други производи од Хрватска, поради што на пзараот нема да ги има во следните 30 дена, доколку процедурата потрае.
Весникот Блиц објави дека Управата за царина добила задача освен фитосанитарни и ветеринарски проверки да прави и лабораториски анализи на сите производи, кои би траеле и до еден месец.

