Пироман подметна пожар во џамијата во шведскиот град Ескилстуна во четвртокот, на католички Божиќ и во инцидентот, според полициски извори, повредени се петорица, јавува „Би-би-си“.
Во моментот кога избил пожарот имало меѓу 15 до 20 лица кои присуствувале на попладневната молитва во џамијата лоцирана во приземјето на една станбена зграда. Фотографиите од локалните медиуми покажуваат дека пожарот бил сериозен бидејќи пламените јазици излегувале од прозорците на џамијата.
– Сведок видел дека некој фрлил предмет преку прозорот и потоа веднаш се запалила џамијата – објаснил полицискиот портпарол.
Шведската полиција го третира инцидентот како дело на пироман, меѓутоа „Би-си-си“ потсетува дека инцидентот се случува во времето кога во Шведска се одвива голема дебата околу имигранцијата.
На 3 декември Шведските демократи, популистчката партија со антиимигрантска агенда, ја сруши малцинската влада на социјалдемократите откако не го поддржа буџетот, по што беа распишани нови избори.
Претходните парламентарни избори се одржаа во септември кога големо изненадување беше резултатот што го постигнаа Шведските демократи, бидејќи со 13 отсто од гласовите станаа трета најголема политичка сила во оваа скандинавска земја.
Шведските демократи се популистичка партија која често е споредувана со орбановата Фидез, поготово откако лани нивниот портпарол си ги спакува куферите и од Шведска замина во Унгарија изјавувајќи дека таа е земјата која сè уште не била „заразена од мултикултурализмот“.
Годинава поради теророт на ИСИС на Блискиот исток, Шведска очекува повеќе од 96.000 имигранти и тоа најмногу од Сирија.




