Од Владата демантираат дека на вчерашните средби на премиерот Зоран Заев и владината делегација се разговарало за конкретни формулации за одредени прашања, како што објави бугарскиот весник „24 часа“.

„За време на вчерашните работни средби обезбедивме унапредување на меѓусебната доверба и дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија, за што добра основа е португалскиот предлог.

Решенијата мора да водат грижа за двете страни, односно да ги адресираат прашањата што се важни и за Република Северна Македонија и за Бугарија. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса.

Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите“, велат за МКД.мк од кабинетот на премиерот Заев.

Бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на извори во бугарската влада, објави дека компромисот што го предложил Заев во Софија е дека „зборуваме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“.

Вчера Заев се сретна со премиерот Стефан Јанев како и претседателот Румен Радев. Оставари и средба со претседатели на политички партии. ОД сите средби, заклучокот беше ист, дека Бугарија дава поддршка за членство на Макеоднија во ЕУ.