Повеќе од десет години леталото Розета на Европската вселенска агенција патуваше низ Сончевиот систем до кометата 67П.
Денеска е историскиот обид за слетување на сондата направена од човек на комета.
Целта на мисијата е спуштањето на сондата наречена Филе (Philae) на површината на кометата, што би требало да трае седум часа.
Кога Филе ќе биде на кометата, би требало да ги искористи своите соларни панели за да ги наполни сопствените батерии и да ги снима условите на површината до март, кога кометата најверојатно ќе стане премногу жешка за сондата да „преживее“.
Преносот на ЕСА ќе трае до околу 17 часот.
Розета беше лансирана во март 2004 со ракетата Аријана и потоа насочена на долг пат низ Сончевиот систем за да ја пресретне кометата 67П. Сондата доби дополнително забрзување користејќи ги гравитациите на Земјата и Марс, а за да се заштеди енергија, таа беше во состојба на хибернација 31 месец.
Кометата во моментов се наоѓа на оддалеченост од околу 550 милиони километри од Земјата, што значи дека на секоја информација ѝ се потребни околу 22 минути да стигне до оперативниот центар.




