Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп неочекувано ја заострува политиката спрема Русија, што предизвикува одобрување кај извесен број сојузници на Вашингтон во Европа, пишува весникот Волстрит џурнал.
Според весникот, победата на Трамп на изборите „првобитно предивика радост во Русија и грижа во Европа, но сегашното расположение се менува за 180 степени“.
– За време на кампањата и во периодот на предавањето на власта Трамп зборуваше за Русија со помирливи тонови и ги критикуваше НАТО и другите сојузи. Но, по стапувањето на должност, тој именуваше многу клучни помошници кои се остри критичари на политиката кон Кремљ. Како што се чинеше на почетокот тие имаа поинакви погледи од претседателот. Трамп почна и со повеќе зборови да го поддржува НАТО, меѓу останатото и за време на обраќањето пред американскиот Конгрес минатата недела, пишува весникот.
Според оценките на Волстрит џурнал „преминот на администрацијата кон неочекувано остар курс кон Русија бил дочекан со аплауз во Европа и предизвика грижа во Москва“.
Весникот цитира неименуван европски дипломат кој учествувал во консултациите минатата недела кој вели дека има напредок во создавањето единствена позиција и дека никој не е убеден дека САД имаат намера да склучат говлем договор со Русија.
Новиот американски претседател се наоѓа под голем притисок поради своите пријателски коментари за Русија и за нејзиниот претседател Владимир Путин. Покрај тоа, неговата политика на отворање кон Москва ја саботираа токму оние на кои им додели важни позиции во администрацијата.
Прво бившиот советник за национална безбедност Мајкл Флин го лажеше Трамп и потпретседателот Мајк Пенс дека не разговарал со рускиот амбасадор Сергеј Кисљак, поради што мораше да поднесе оставка. Кратко време потоа, се појавија информации дека контакти со Русија имал и новиот јавен обвинител Џеф Сешнс. Не треба да се заборави ни шефот на дипломатијата Рекс Тилерсон, носител на руски орден со кој го одликувал Путин лично, како ни бившиот шеф на кампањата на Трамп Пол Манафорт, еден од најблиските советници на соборениот украински претседател и голем пријател на Путин Виктор Јушченко.
Исто така, тука е и војната што Трамп ја отвори со тајните служби кои и натаму не отстапуваат од тврдењето дека Русија влијаела на американските избори, како и протекувањето на се повеќе информции од Белата куќа. Едноставно, премногу притисоци и афери за Трамп да може без пречки да продолжи со своите планови за затоплување на односите со Русија.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека хистеријата во официјален Вашингтон и во американските медиуми негативно влијаат на односите Русија- САД.
Во интервју за Си ен ен Песков рече дека таквите околности не одговараат на националните интереси на Русија и САД. Тој одби да одгвори на прашањето на новинарот дали претседателот на САД донел мудра одлука ставајќи ја Русија во централно место на претседателската кампања.
– Одговорот на вашето прашање ќе значи дека се мешаме во внатрешните работи на САД, а немаме ни најмала намера за тоа, рече Песков додавајќи дека хистеријата ве медиумите и официјален Вашингтон им наштетува на руско – американските односи.
Според него Русија и САД нема да можат да се согласат околу се, но за двете земји ќе биде подобро да почнат да разговараат.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата за наводно руско хакирање во текот на американската претседателска кампања, истакнувајќи дека таквите тврдења се „незамисливи“.




