Белата Куќа побара од Конгресот да формира фонд за помош на населението погодено од Ураганот Харви.
Се очекува Претседателот Доналд Трамп да предложи иницјална помош од речиси 6 милијарди долари.
Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, за кој тој се консултирал со високи функционери на својата Републиканската партија, е само првиот од серијата финансиски пакети, коишто по својот вкупен износ би можеле да се споредат со оние од 2005 година за помагање на жртвите на ураганот „Катрина“. Штетите тогаш ги чинеа САД над 100 милијарди долари.
Портпаролката на Белата куќа, Хакаби Сандерс синоќа изјави дека Трамп ќе донира еден милион долари од личните фондови за помош за отстранување на последиците од ураганот.
Гувернерот на Тексас Грег Абот пак изјави дека на оваа американска држава која се соочува со поплави и се потребни над 125 милијарди долари од сојузната каса.
Во меѓувреме, здравствените власти соопштија дека бројот на загинатите од ураганот „Харви“ достигна 44 лица.
Сите жртви се од сојузната држава Тексас, а 19 луѓе се уште се водат како исчезнати.
Телевизијата Си-Ен-Ен, пак, соопшти за најмалку 47 загинати во природната катастрофа.
Над 1,7 милиони жители од Тексас ги напуштија своите домови. Околу 779.000 се принудно евакуирани, а 980.000 сами побарале засолниште на други места.
– Во поплавите кои ги предизвика „Харви“ се уништени околу 100.000 домови, нагласи советникот на амриканскиот претседател за внатрешна безбедност, Том Босарт.
Околу 7.000 пациенти од здравствени установи се евакуирани од тексашкиот град Бомонт, каде во прекин е водоснабдувањето поради поплавени пумпни станици.
„Харви“ чија јачина се намали сега се наоѓа на околу 130 километри југоисточно од градот Мемфис, државата Тенеси. Брзината на ветровите достигнува околу 48 километри на час.
„Харви“ пред една недела го зафати копнениот дел на Тексас како ураган од четврта категорија и предизвика огромни поплави во градот Хјустон и други реони на државата. Тоа е најмоќниот ураган во САД во последните 12 години.




