Прашањето не е дали ни се допаѓаат уставните измени, туку дали можеме да си го дозволиме луксузот на понатамошно одложување. Колку подолго трае неодлучноста, толку повеќе политичката, економската и безбедносната тежина ќе се прелева кај соседите што испорачуваат резултати. Времето, едноставно, не работи во наша полза.
Следејќи анализа на експерти за безбедност за старата и новата геополитичка пресметка Исток-Запад, вниманието ми го привлече една од најстратешките точки на САД и НАТО, лоцирана во нашиот источен сосед – Бугарија. Станува збор за воената база Ново Село, формално класифицирана како Tier 2 во воено-стратегискиот ранг, но која во практика има значително поголема тежина од самиот формален опис.
Нејзината близина до Русија, Црното Море и Балканот, како и позиционирањето покрај критичните енергетски и трговски коридори Црно Море-Медитеран, ја имаат претворено Ново Село во клучен адут на источниот крилен појас на САД и НАТО. Важноста на оваа база значително порасна по 2014 година, а особено по 2022 година, позиционирајќи ја меѓу најзначајните точки на новата европска, па дури и глобална безбедносна архитектура.
Бугарија не е избрана затоа што е идеален демократски пример. Таа е избрана затоа што нуди она што американската стратегија го вреднува над се друго: функционална територија, државна предвидливост и стратешка дисциплина.
Додека ние продолжуваме да се заглавуваме во мочуриштето на 35-годишна внатрешна политичка импровизација, мораме да ја признаеме клучната вистина: државите кои навистина се оддалечија од комунистичкото наследство, како Бугарија, денес имаат поголема тежина од нас, не затоа што се „подобри“, туку затоа што се побрзи и пофункционални во затворањето на стратешките процеси. Таа стана членка на НАТО и на Европската Унија пред нас и денес, реално, влијае врз темпото на нашиот евроатлантски пат.
Нашето будење како општество и како држава од популистичката и романтично-патриотска самоизолација мора да биде црвен национален аларм. Никој нема да чека Северна Македонија самата да се убеди во сопствените одлуки (На нашиот премиер досега двапати не му успеа лобирањето за средба на високо ниво во САД. Се надеваме дека третиот обид напролет, со уставните измени „во џеб“, ќе биде прифатен).
Во време на кинеска економска експанзија и руско политичко и воено агресивно дејствување, Западот не инвестира во дилеми, туку во завршени процеси и предвидливи држави.
Прашањето не е дали ни се допаѓаат уставните измени, туку дали можеме да си го дозволиме луксузот на понатамошно одложување. Колку подолго трае неодлучноста, толку повеќе политичката, економската и безбедносната тежина ќе се прелева кај соседите што испорачуваат резултати.
Времето, едноставно, не работи во наша полза.
Од Фејсбук ѕидот на авторот





