Ако некој верува дека со ова Кочан и другите осомничени и обвинети од СЈО ќе се спасат, да им кажам дека грешат. За се постои решение, па дури и за правните акробации на Вангеловски. Правдата не може да се избегнува до бескрај, а што се однесува пак до вистината, Груевски одамна рекол дека таа е како шило и порано или подоцна ќе исплива во виделина. Тоа што вистината до сега успеа да ни покажее разликата кој е кој во ова наше правосудство.
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Пред повеќе од една година, кога минатата власт (или што би рекле Французите – стариот режим) уште беше силна и неприкосновена, Уставниот суд одлучи да го укине Законот за измена и дополнување на законот за помилување, со што отвори пат да се донесат срамните помилувања на Иванов. Во тоа време напишав дека роб облечен во тогата на Јустиција не може да носи праведни одлуки. Сега, после една година, кога стариот режим е делегитимиран во изборен процес, и кога е оформено ново парламентарно мнозинство, повторно гледаме одлука на такви робови, врховни робови, кои без ронка срам одлучија да му укинат притвор на човек кој е во бегство! Уште колку вакви робовски одлуки треба да видиме додека не разбереме конечно во какво ропство живееме? Според кои правни начела се оправдува таквата одлука со која се укинува притвор на лице кое го бара Интерпол? Како се објаснува тоа на студентите кои учат кривично право и кривична постапка? Како се спие после донесување на таква одлука? Како воопшто се држат други лица во притвор со години и како одново се изрекува таква мерка после ваков чин на целосно суспендирање на правото од страна на врховната институција која истата треба да ја заштити?
Ако некој има дилеми за значењето на овој чин на Врховниот суд кој беше донесен со умислено менување (и тоа два пати) на кривичниот совет и надгласување на двајца судии со спротивно мислење, а откако истото БЗЗ претходно не помина ни во општата седница на овој суд, да разјаснам: Прифаќањето на ова БЗЗ на Републичкиот јавен обвинител покренато за предмет кој се води од Специјалното јавно обвинителство е уште полошо од помилувањата дадени минатата година од Иванов. Со ваквиот преседан Врховниот суд претставен од Вангеловски кој ги направи сите можни комбинаторики за на крај да се дојде до оваа ситуација, всушност овозможи директно вмешување на редовното ЈО врз работата на СЈО, грубо кршејќи го притоа Законот за СЈО, особено членот 6 кој ја гарантира автономијата во работењето на СЈО. Со ваквиот преседан Зврлевски може при секој нареден притвор утврден по барање на СЈО да покрене БЗЗ и преку сегашниот состав на кривичниот совет на Врховниот суд да го укине секој притвор побаран од СЈО. Ова не е само срамно, туку и опасно, бидејќи на СЈО и се одзема една од најважните права во кривичната постапка а тоа е да го обезбеди присуството на лица во таа постапка. Ова навистина е врв на ароганцијата на еден режим во заминување кој се труди со сите сили да се спаси од одговорноста со евтини трикови истуркани напред од поданици кои заборавиле сé во врска со основните начела на професијата која ја вршат а тоа е да обезбедат фер и правично судење за лицата кои се огрешиле пред законот.
Начинот на кој таквата одлука е истуркана е исто така дрзок и подмолен. За таа одлука се дозна по медиумите доцна навечер во саботен ден. Јасна е намерата една таква одлука да биде донесена без помпа, и за неа што покасно да се разбере, и што помалку јавноста да знае. Сепак, јавноста знае што е целта на таа одлука, а тоа е заштитата на криминалот преку злоупотреба на највисоките судски функции. А таквата цел не се заборава лесно, ниту пак може да биде предмет на старата изрека: Секое чудо три дена трае. Е ова нема да трае три дена, туку ќе се памети вечно, а имињата на Вангеловски, Стојковска и Катавеновски заедно со името на Зврлевски ќе се пишуваат со црни букви во историјата на македонското правосудство, додека пак нивното постапување ќе биде дел од учебниците по казнено процесно право (каде ќе се објасни какви последици има укинувањето на притворот за човек во бегство и кој тоа може да поднесе БЗЗ за предметите на СЈО) но и од учебниците по казнено право (каде ќе се објасни до каде може да стигне организираниот криминал во една држава и каква улога правосудството може да одигра во заштитата на истиот).
Ако некој верува дека со ова Кочан и другите осомничени и обвинети од СЈО ќе се спасат, да им кажам дека грешат. За се постои решение, па дури и за правните акробации на Вангеловски. Правдата не може да се избегнува до бескрај, а што се однесува пак до вистината, Груевски одамна рекол дека таа е како шило и порано или подоцна ќе исплива во виделина. Тоа што вистината до сега успеа да ни покажее разликата кој е кој во ова наше правосудство.
А правдата ќе ги стигне сите, не само осомничените и обвинетите туку и тие кои се обиделе на било кој начин нив да им помогнат да се спасат, било да се тие врховни судии, републички јавни обвинители или претседатели на држава. Правдата, како што вели Улпијан, на сите ќе им даде тоа што им следува, според нивните индивидуални заслуги.