По земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, кој беше почувствуван во целиот регион, тлото се тресеше цела ноќ. Најтешко било во Столац, каде што паднала карпа врз куќата во која живеела загинатата девојка Елмира. Елмира Сефо (28) е единствената потврдена жртва на земјотресот. Таа починала откако во тешка состојба била донесена од Столац во Мостар. Според сведоштвата на мештаните, Елмира живеела во семејната куќа во населбата Кукавац со нејзините родители кои биле полесно повредени. Брзата помош ја пренела Елмира во болницата во Мостар, каде лекарите се обиделе да ја оживеат, но безуспешно. Повредите со кои се здобила биле фатални.

Според официјалните информации на Федералниот хидрометеоролошки завод, земјотресот што ноќеска ја потресе БиХ бил најсилен во последните 50 години.

Регионот го погодија дури 11 земјотреси, а епицентрите биле во околината на Столац и Мостар. По главниот земјотрес следеа слаби земјотреси (до 3 степени според Рихтеровата скала), за да се почувствуваат нешто посилни (над 4 степени) во периодот од три до четири часот наутро. Иако епицентарот беше во Босна и Херцеговина, граѓаните на Белград, Ваљево и други градови во Србија, и во Македонија, Хрватска, Црна Гора, изјавија дека земјотресот бил почувствуван и во нивните домови.

Директорот на Здравствениот дом во Столац утрово изјави дека сите повредени се на домашно лекување. Тој посочи дека во здравствената установа се пријавиле неколку повредени лица. Здравствениот дом констатирал полесни повреди.

„Во Здравствениот дом беа ангажирани четири екипи на Брза помош, подготвени сме доколку треба уште нешто. Од терен знаеме дека имало помали одрони, оштетувања на фасади на куќи, а Цивилната заштита најверојатно ќе ја процени состојбата на земјата“, изјави Рагуз за Сараево Н1.

Корисниците на Android добија предупредување преку системот за заштита неколку секунди пред земјотресот. Ова е првпат корисниците на овој оперативен систем да бидат информирани за потенцијалните опасности на овој начин. Соопштението пристигна неколку секунди пред силниот земјотрес и изненади многу корисници. (Од агенциите)