Стотици мигранти, баратели на азил во Германија и во другите западноевропски земји, втор ден протестираа пред главната железничка станица во Будимпешта, откако унгарските власти ја затворија станицата.
Неколку стотици бегалци денеска на терминалот Келети извикуваа: „Што сакаме? Мир! Што ни треба? Мир!“
Повеќе од 2000 мигранти беа во близина на станицата, откако полицијата вчера го блокираше пристапот за секој без соодветна виза.
Околу 100 полицајци со шлемови и полициски палки ја чуваат станицата.
Одлуката да им се забрани на мигрантите да се качуваат на возови што одат на запад е преиначување на одлуката од претходниот ден кога Унгарија и Австрија дозволија возови полни со нерегистрирани мигранти да се упатат кон Германија, што е прекршување на правилата на ЕУ што се речиси немоќни да ги спроведат на дело.
Над 156.000 луѓе влегле во Унгарија преку Србија од почетокот на годинава.




