Во Романија денеска се одржува втор круг од претседателските избори, а најновите анкети покажуваат дека актуелниот премиер Виктор Понта е во предност над својот противкандидат, лидерот на десниот центар Клаус Јоанис.
Според резултатите од анкетите Понта (42), лидер на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД), има поддршка од 54 отсто од Романците.
Неговиот противник во вториот круг Јоанис (55), претседател на Христијанско-демократската партија, е потомок на германското малцинство и актуелене популарен градоначалник на Сибиу, град во Трансилванија.
Од 14 кандидати, колку што учествуваа во првиот круг на претседателските избори одржани на 2 ноември, Понта освои над 40 отсто од гласовите, додека на Јоанис му припаднаа 30,5 отсто од гласовите.
Според аналитичарите, победата на Понта на земјата би и донело политичка стабилност, но би можела да ја загрози независноста на правосудството.
За да се пресмета со Јоханис, кој се презентира со конкретни работи, Понта се потпира на левичарско-национални и фундаменталистички тонови, анализира Дојче веле. На Јоханис, како на православен Романец, му е сепак дозволено да се кандидира во „неговата“ земја, истакнува Понта, за јасно да се дистанцира од Јоханис, кој е евангелист. Со изборниот слоган – горд е што е Романец – Понта подбуцнува нетрпение кон ентичките и религиозни малцинства.
Истовремено, во медиумите блиски до Понта и неговата партија, се води жестока негативна кампања против неомилениот конкурент. Така, без никакви докази, Јоханис е обвинуван за наводна „вмешаност во трговијата со органи“, дека е „измамник во областа на недвижностите“ , „агент на германската тајна служба“ и крајно, „Тројански коњ на Ангела Меркел“.
Настрана од тоа, Понта заговара преоценка на односите со Кина, Русија и Турција и иницира за почеток „економска“ нова ориентација на земјата кон Исток. Нему за пример му служат политичари како Путин во Русија, Ердоган во Турција и Орбан во Унгарија.




