Српскиот претседател Александар Вучиќ, во осврт за кризата во Украина, изјави дека политиката на Србија е воена неутралност што е трајно уверување на државата до кое строго се придржува согласно меѓународните правни норми, јави дописникот на МИА од Белград.
Нашата политика не е неутрална. Ние сме на европски пат, но соработуваме и со Русија и со Кина и нема да се откажеме од традиционалните пријателства. Мислам, не треба да бидеме потрчко по ниту една страна, изјави Вучиќ во Монако.
Тој посочи дека и Украина и Русија секогаш го поддржувале интегритетот на Србија која пак секогаш го поддржувала интегритетот на Украина. Тоа не се променило, децидно порача претседателот Вучиќ информирајќи за тоа што украинскиот амбасадор во Белград, Олександр Александрович, побарал од Србија јасно да ја осуди руската агресија.
Србија е мала земја и не сака да ја укине можноста за раскинување на пријателствата со некои, бидејќи Србија не одлучува за Украина, изјави српскиот претседател дополнувајќи „украинскиот амбасадор може да го повика својот претседател јасно да ја осудат страшната агресија која врз Србија ја извршија сили како што се САД и Велика Британија“.
Тој додаде дека на сите денес им е полна устата со Меѓународното право а кога ќе се спомене Косово се вели „тука тоа не важи“ и затоа е дојдено до целосно уништување на Меѓународното јавно право. Во моментов на сила се политиката и законот на посилниот и затоа на малите ќе им се одзема се што може.
Ние како малечки треба да се криеме под камен, за сите да знаат дека нашите принципи се единствените вистински принципи, но и да ја спасиме нашата земја и нашиот народ од страдање, кажа Вучиќ.
Поради украинската криза и Србија е во проблем, заклучи во својата изјава Вучиќ.



