Вучиќ на жителите на Бањица им се извини што не можел да оди таму, по што одржа говор во Косовска Митровица. Тој беше спречен заради протестите и блокадата на патиштата од неколку стотина Албанци, меѓу кои и ветерани на ОВК кои утринава го блокираа патот со багери и шлепери, палеа гуми кај селото Трнава кон селото Бањица во општина Србица.
Станува збор за рутата по која српскиот претседател Александар Вучиќ требаше денеска да помине. Патот бил блокиран и со неколку камиони. Демонстраните носеле транспаренти против посетата на Вучиќ на Косово.
Општината Србица е целосно населена со Албанци, а во селото Бањица се наоѓаат околу 300 српски куќи.
„Нѐнема повеќе ни на Косово поле каде многу нешта почнаа и тоа не затоа што Хрватите, муслиманите или Албанците биле посилни или похрабри од нас, туку затоа што не ја разбравме позицијата на Србија и светот, поради тоа што не сфативме дека не сме сами на светот и дека без светот не се може. Поради тоа што ги потценувавме сите други и што не знаевме да сметаме. Затоа што секогаш се гледавме и слушавме себе, другите не нѐинтересираа“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател се присети на озлогласениот собир на Газиместан на кој пред повеќе стотици илјади луѓе зборуваше за Слободан Милошевиќ, кого Вучиќ го опиша како „голем лидер“.
„Пред речиси 30 години, недалеку од тука, стотици илјади луѓе, а Слободан Милошевиќ тогаш беше доволно голем за да ги собере во толкав број, на Газиместан го дочекаа крајот на неговиот говор, славен или неславен, во зависност од тоа кој како го толкува, со пеење. И тоа во хор, сите стотици илјади, пееја со вера и уверување, пееја занесени и понесени, онаа познатата „Ко то каже, ко то лаже, Србија је мала“, кажа Вучиќ во Косовска Митровица.
Вучиќ кажа дека на граѓаните сака да им овозможи безбеден живот „на својата земја“ и порача дека Србите и Албанците денес не знаат каде им се границите бидејќи „сите мислат различно“. Компромис е кога сите ќе добијат по нешто и никој нема да добие се.
„ Не мојот мит Косово без Албанци или уште полошо Косово без Срби, мојата работа сега и овде е во оваа реалност“, рече Вучиќ.
Шефицата на Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Приштина Наталија Апостолова изјави дека ЕУ жали поради тоа што на српскиот претседател Александар Вучиќ не му беше дозволено да го посети селото Бање кај Скендерај (Србица).
Апостолова во изјава за „Коха Диторе“ рече дека ѝ е жал поради блокадите поставени на патиштата кон тоа село и повика на смирување на состојбата.
– Утрово беа блокирани сите патишта кои водат кон селото Бање, пред планираната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ. До тие моменти посетата се одвиваше во мирна атмосфера, со целосна поддршка од сите надлежни авторитети. ЕУ жали што тој дел од посетата требаше да биде одложен. Бараме од сите кои се одговорни да го зачуваат редот и да обезбедат слободно движење во текот на целиот ден, изјави Апостолова.




