Премиерот на Србија Александар Вучиќ ја осуди резолуцијата на Европскиот парламент со која Хашкиот трибунал се повикува да го преиспита привременото пуштање на лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, а српските власти да се оградат од неговите изјави.
Премиерот Вучиќ кој му беше близок сојузник на Шешељ оцени дека резолуцијата била навредлива, вознемирувачка и разочарувачка за Србија.
Евро парламентарците во резолуцијата изразуваат загриженост бидејќи недостигала политичка и правна реакција на српската влада на однесувањето на Шешељ, односно неговите повици за Голема Србија.
По барањето на хрватските европарламентарци, ЕП вчера предупреди дека провокативните изјави на Шешељ отвораат рани од војната и се пречка за регионалното помирување и напредокот кој е постигнат во последните години.
Ружа Томашиќ во однос на случајот Шешељ, рече дека на оваа тема не би се разговарало доколку српските власти веднаш се оградиле од Шешељ, а изрази и разочарување од Хашкиот трибунал за кој рече дека не е ефикасен и дека е пристрасен.
Андреј Пленковиќ пак посочи дека српскиот државен врв или се плаши од Шешељ или молчешкум се согласува со него.
Војислав Шешељ беше пуштен од Хаг во почетокот на месецов поради здравствени причини.




