Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска на заедничка прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама во Тирана, истакна дека тие и понатаму ќе се разликуваат за прашањето околу независноста на Косово.
– Факт е дека не се согласуваме околу Косово и Метохија. Србија ќе го третира и ќе продолжи да го третира како составен дел, додека Албанија го третира Косово како независна држава, рече Вучиќ.
Сепак во својата изјава, српскиот премиер рече без оглед на различните ставови, тие треба да ги почитуваат разликите и да најдат заеднички јазик со Албанија.
Вучиќ и Рама покрај дипломатијата, разговарале и за развојот на туризмот.
Денешната средба на двата премиери во палатата Бригада е втора билатерална средба на Вучиќ и Рама, но станува збор за прва официјална посета на еден српски премиер во албанската престолнина.
Тој во Тирана бил пречекан со највисоки државнички почести и интонирањето на српската химна.




