Српскиот премиер Александар Вучиќ во неговиот авторски текст за весникот „Политика“ пишува дека, „некој негде погрешно пресметал дека лидерот на Српската радикална странка Воислав Шешељ бил фактор кој може да ја потресе владата на Србија“.
„Нема тука ни право ни правда. Имаме само погрешни обиди да се казни српската влада и нејзината политика“, смета Вучиќ по повод одлуката на Хашкиот трибунал Шешељ повторно да се врати во притвор во Хаг.
Според него, на целиот Балкан, по се што доживеал, му е потребна политика на отворени карти, јасна и недвосмислена.
– Вака или онака, Србија има само една, голема и важна обврска, а тоа е да ја зачува стабилноста, да обезбеди продолжување на економските реформи и почитување на политичките слободи, нагласи Вучиќ.
Покрај Вучиќ, вчера и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изрази незадоволство за тоа како Трибуналот ја третира земјата во однос на прашањето со Воислав Шешељ.




