Претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, рече дека гласањето за Преспанскиот договор во собранието ќе се случи кон крајот на следната недела, објави Катимерини.
-Секој ќе има можност да се искаже, изјавил Вуцис, додавајќи дека гласањето најверојатно ќе се случи кон крајот на следната недела.
Официјална Атина во изминатиот период говореше за двојно мнозинство во Парламентот и за доверба за Владата и за Договорот.
Ратификацијата, законски, може да помине и со помалку од 151 глас, потребно е да има мнозинство од присутните пратеници на гласањето, меѓутоа целта на грчката Влада е Договорот од Преспа да се изгласа со апсолутно мнозинство.
Претседателот на грчкиот Парламент пред два дена рече дека „Договорот треба да биде изгласан од 151 пратеник за да има силна моќ, како во внатрешноста на земјата, така и во меѓународните организации“.
Владејачката СИРИЗА има 145 пратеници и сите го поддржуваат Договорот од Преспа, што значи дека на владата и недостигаат уште шест позитивни гласови.
Од шесттемина пратеници кои вчера гласаа за доверба на Владата, извесно е дека за Договорот од Преспа, доколку не се случи некое изненадување, ќе гласаат четирворица: заменик-министерката за цивилна заштита Катерина Папакоста, министерката за туризам Елена Кундура, пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, како и поранешниот член на Река, а сега независен пратеник, Спирос Данелис.
Со тоа бројката достигнува до 149 пратеници.
Центристичката Река соопшти дека ќе застане зад документот. Со нејзините пет пратеника, мнозинството би можело да достигне и 156. Во недела во Атина во 14 часот е најавен голем протест против Договорот од Преспа.
За в недела во Атина е закажан протест против Договорот од Преспа чиј организатор е т.н. „Комитет за борба за Македонија“.




