Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

За Тања Урошевиќ

0
By Нова ТВ on March 11, 2020 КУЛТУРА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Wednesday, March 11, 2020 10:39
Нејзиното име го знаев уште како гимназијалка во Скопје. Тања Урошевиќ беше една од ретките преведувачки на руска литература на македонски. Учев руски во гимназијата и голтав се што ќе најдев во превод или во оригинал од прочуените руски писатели. Подоцна, како студентка, често во скопските кина или на изложбите го гледав писателот Влада Урошевиќ во придружба на една убава русокоса жена, со најблагиот насмев. Тогаш уште не знаев дека таа е преведувачката Тања Урошевиќ. Тогаш Тања и Влада, како што ги викавме и ние, за нив непознатите студенти, ме восхитуваа како брачен пар. Нивната појава зрачеше длабока љубов и духовна, интелектуална предаденост еден на друг. Скопје на седумдесеттите години беше мало. На премиерите во кино „Култура“ или во кино „Вардар“ често беа присутни многу уметници од македонска културна елита. Таа беше навистина културна елита во најдобрата смисла на зборот. Кај Тања и Влада се чувствуваше дека тие се жедни за уметност, за големата европска култура. Како што за неа бил жеден и Александар Блок и Осип Манделштам и Марина Цветаева. Немаше културен настан на кој немаше да ги видам неразделните Тања и Влада. Уште од тоа време тие останаа за мене симболот за културната елита во Скопје. Кога ќе ги видев нив, знаев дека настанот има вистинско ниво и вредност.
Подоцна, во осумдесеттите, кога Влада Урошевиќ стана професор на штотуку основаната Катедра за компаративна литература, на која и јас две години предавав естетика, многу почесто ги среќавав чудесните Тања и Влада во универзитетскиот комплекс. Уште не ги познавав лично. Напати се случуваше да одат долго пред мене, постојано држејќи се за рака, по истиот пат до МАНУ. Нивниот тивок разговор допираше до мене повеќе како мелодија, отколку како значење. Тања и Влада за мене беа и симбол за длабока сопружничка љубов. Ги доживував како чудесен роман. Дури години подоцна, кога ги запознав, ми стана јасно дека нивната длабока љубовна поврзаност беше дополнета и со заедничката страст пишувањето. Во времето на моите студии, секогаш кога ќе ги видев некаде во градот, бев уверена дека тие се најинтересните луѓе во македонската култура. И посакував еден ден и јас да припаѓам на таа култура. Никогаш не им кажав колку тие беа значајни за мене кога за нив бев само непознат набљудувач и љубител. Тие за мене беа симбол на творци од најпрефинетиот вид. Оној вид на култивирани творци, за какви што читаме во историјата на европската култура, но ретко имаме среќа да сретнеме и во животот.
Години подоцна, во 2007 година, кога ја добив наградата „Роман на годината“ за мојот прв роман „Снегот во Казабланка“, во кој пишував за руската емиграција во Скопје, ја запознав Тања Урошевиќ. Уште првиот разговор со неа ме восхити. Ама ме направи и тажна – затоа што повеќе не живеам во истиот град со неа и со Влада. За да можам да одам на долги разговори со неа – за руската литература, за пишувањето, за преведувањето, за животот во два јазика, за туѓинството и егзилот, за емигрантскиот живот. По препорака на драгата пријателка Лидија Димковска, во март во 2008 година, престојував речиси цела недела во Љубљана на литературно читање – заедно со Влада Урошевиќ. Секако, тој допатува во Љубљана со Тања! Бевме сместени во ист хотел. Не се осмелив да им кажам колку ми значеше секој разговор со нив. На појадокот, на обедите, на долгите прошетки низ Љубљана.
Додека одев полека крај нив, слушајќи го мелодичниот, благ глас на Тања, кој беше само благо зарипнат, колку за да прозвучува како благ шумски поток, не им кажав колку се радував што сега и јас учествувам во нивниот тивок жубор, кој порано го слушав немо одејќи зад нив. Во дните во Љубљана откривав блескави фрагменти од нивните животни навики и интелектуални погледи, чувства и животни искуства кои уште повеќе ме восхитија. Сето тоа беше само дел од „тајната” на нивната длабока предаденост еден на друг, која само ја насетував, додека уште не ги познавав лично. Таа тајна, всушност, се состои во богатсвото на нивните личности. Во култувираноста, во естетската префинетост со која обајцата го доживуваа светот.
Тања, речиси, не беше замислива без Влада! Таа беше од луѓето кои се‘ создаваа од длабока љубов. Тоа се читаше од чистиот, но толку интензивен поглед додека таа разговараше или само слушаше. Не знам дали тоа беше само прочуената широчина, благост и мистичност на нејзината руска душа. Повеќе верувам дека несекојдневноста, богатоста на личноста и на прозата на Тања Урошевиќ беше чудесната синтеза од руската и од македонската душа. Нејзиниот прозен јазик говори за длабоко познавање на тајната на раскажувањето, по која и јас трагам. Тања беше вруток од кој бликаше богато познавање на светската литература. А, притоа таа беше многу скромна, ниту малку самовљубена во тоа што го создаваше. Тоа, впрочем, е одликата на најдобрите творци. Сето тоа ја создаваше магијата на нејзината личност, која не можеше да не го восхити човека. Дури сега, кога самата се приближив на возраста, на која пред дванаесет години беше Тања, разбрав зошто таа пишуваше речиси во тихост и приватност. Небаре повеќе за себе, скришно. Само за својата радост во пишувањето, а не и за јавноста. Имав чувство дека таа во јавноста повеќе сакаше да биде присутна како љубител на уметноста. Или само како прекрасната, мудра и блага прудружничка на Влада.
Тања и Влада се луѓе на зборот и перото, писатели и преведувачи за кои урнеци може да се најдат само во големата европска литература и култура. Се‘ во разговорот со нив се преобразуваше во чудесна проза. Разговорот за најдобрите сорти чај, за време на појадокот. Раскажувањето на Тања за нејзината руско-македонска биографија. Ме восхитуваше нејзината длабока поврзаност и со руската и со македонската култура. Никогаш не и‘ кажав дека во романот „Жените Гаврилови“, кој почнав да го пишувам интензивно откако се вратив од патувањето во Љубљана, во ликот на Лина Гаврилова вградив многу од благоста, која постојано зрачеше од Тања. Во тие денови во Љубљана ја засакав Тања со длабоко пријателство. Неколкупати во животот сретнав такви несекојдневни, благи и длабокоумни, добри и мудри личности, творци како Тања Урошевиќ, за кои чувствував толку длабок восхит и љубов, што не се осмелував тоа чувство да го претворам во секојдневноста на обично пријателство. Моето почитување за Тања и Влада беше толку длабоко, што со нив можев и понатаму да разговарам само во нем, таен и внатрешен дијалог, секогаш, кога помислував на нив. А, кога при една куса средба во Скопје, во посветата на нејзиниот роман „Превид”, Тања го спомена токму „највнатрешниот дијалог“ меѓу нас, ме трогна длабочината на нејзината интуиција. Таа насетувала дека најважните работи не се осмелив да и‘ ги кажам гласно.
Затоа ми се чини дека оттогаш, од тој март во Љубљана пред дванаесет години, постојано пишувам невидливо писмо за Тања Урошевиќ. Утринава на профилот на Владимир Јанковски прочитав извадок од нејзината последна книга. И со восхитот што ме обземаше секогаш кога ќе ги здогледав обајцата некаде во Скопје, веднаш му напишав на Владимир порака по месинџер, со молба да ми ја даде имеил адресата на Тања. За да и‘ напишам писмо. Тоа писмо, кое го пишувам за неа уште од оној миг, кога прв пат ја видов во Скопје, како студентка. Наместо адресата, Владимир ми напиша дека чудесната, преблагата, мудра и даровита писателка Тања Урошевиќ починала изутринава. Таа ќе остане за мене постојано крај Влада, држејќи го за рака, во длабока и верна сопружничка и творечка љубов, во бескрајниот разговор на двајцата големи македонски писатели. Вечнаја памјат!
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026
ФОКУС
April 23, 2026Updated:April 23, 2026

Работниците во културата на 28-ми април пак ќе протестираат со прака: „Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат“

ВЕСТИ April 23, 2026

Под мотото „Договорите не се поништуваат. Уметниците не се понижуваат“, Синдикатот на култура иницира нов…

Дволичност околу двојните државјанства на пратениците – два важни закона истуркани во еден ден по скратена постапка

April 22, 2026

Трамп: Без договор со Иран, продолжуваме со нападите- нема пролонгирање на прекинот на огнот

April 21, 2026

Избори во Бугарија: гласачите го лизнаа Бојко Борисов – генерален победник е Румен Радев

April 20, 2026
ТИКЕР

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.