Американскиот претседател Доналд Трамп прекина соработка со својот поранешен главен стратег и близок соработник од времето на претседателската кампања, Стив Бенон откако тој го критикуваше синот на Трамп и зетот поради „предавнички“ состанок со Руси.
– Стив Бенон нема ништо со мене ниту со моето претседателство. Кога беше сменет не само што ја загуби работата, туку го загуби и разумот. Стив не ја претставува мојата база, тој е тука само заради самиот себе, нагласува Трамп.
Бенон претходно го опиша состанокот на синот на Трамп со група Русија во Кулата Трамп како „предавнички“ и „непатриотски“ и предупреди дека истрагата за наводниот дослух со Кремљ ќе се фокусира на перење пари.
– Ќе го скршат Дон Јуниор како јајце на националната телевизија, наведе Бенон.
Мајкл Волф е автор на книгата „Оган и бес:Во Белата куќа на Трамп“, заснована на повеќе од 200 интервјуа со претседателот, најблиски соработници и членови на администрацијата, а во која ги опишува борбите во Белата куќа дури и тоа дека некои од неговите најблиски соработници изразуваат презир кон него.
Бенон беше шеф на кампањата на Трамп во последните три месеци, а потоа и главен стратег во Белата куќа седум месеци. Доби отказ и се врати на својот ултрадесничарски сајт Брајтбарт Њуз.
Бенон наведува во книгата дека синот на Трамп отишол на состанокот откако посредници му ветиле „инкриминирачки материјал“ за Хилари Клинтон.




