Унгарската министерка за правда, Џудит Варга, синоќа изјави дека сослушувањето во ЕУ во рамки на истрагата за Унгарија што ја води Брисел е уште една фаза во „одмазничката кампања на промигрантските сили“.
Таа додаде дека Унгарија веќе една година е цел на „лов на вештерки“ поради тоа што одбива да прифаќа мигранти.
-Унгарската Влада направи голем чекор напред во одбрана на земјата, изјави Варга и рече дека унгарската делегација на синоќешното сослушување ги отфрлила сите обвинувања и лажни тврдења.
-Ги разјаснивме сите правни прашања. Ги отфрливме двојните стандарди и уште еднаш го свртевме вниманието на фактот дека резолуцијата која се подготвува само по себе претставува кршење на владеењето на правото, истакна Варга.
Финското претседателство на Европска Унија ги отфрли обвинувањата на унгарската Влада дека денешното сослушување за состојбата на правната држава во Унгарија претставува „лов на вештерки“.
Тити Тупураинен, финската министерка за европски прашања и претседавач на денешниот Совет за општи работи на кој министрите на ЕУ ја сослушуваа унгарската министерка за правда, порача дека дискусијата се одвивала во продуктивен и кооперативен дух, но дека се донесени само процедурални заклучоци и дека не е за сега закажано ново сослушување, ниту можеше да гарантира дека ќе има под финско претседателство.
Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за владеењето на правото во ЕУ, Франс Тимерманс, ги коментираше изјавите на унгарските претставници, оценувајќи дека тие се едни за дома, други за надвор.
– Од моето лично искуство можам да кажам дека унгарските претставници секогаш биле љубезни и пријатни кога сме биле очи в очи, но потоа ќе отидат дома и ќе видам што кажуваат за мене во медиумите и на социјалните мрежи и се прашувам дали е тоа истата личност со која сум зборувам, тоа што го кажуваат кога се сретнуваат со нас и тоа што го кажуваат во медиумите е многу различно, рече Тимерманс.
Министрите на Европската унија вчера го критикуваа унгарскиот премиер Виктор Орбан поради проширувањето на ограничувањата за медиумите, судиите, професорите, малцинствата и групите за заштита на човековите права, што е причина за загриженост од слабеењето на демократијата во Унгарија.
Една година откако Европскиот Парламент соопшти дека потезите на Орбан носат „јасен ризик од сериозно кршење на суштинските вредности на ЕУ“, министрите во Брисел вчера го оддржаа првото официјално сослушување за Унгарија.




