Поранешниот национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец ги отфрли како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно управување или контролирање новинари или медиуми.

Во демантот објавен на неговата Фејсбук страна, Забрчанец нотира дека врз основа на природата на неговата професија и ангажираноста во Владата, бил во контакт со повеќе новинари на дневна основа и во тие рамки комуницирал и со лицето Бојан Јовановски, како што пишува, исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата, пишува на фејсбук Забрчанец.

-Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите. Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада. Медиумските работници секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена.
Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања.
Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе, пишува во својата објава на ФБ поранешниот национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец.

ВМРО-ДПМНЕ преку портпаролот Наум Стоилковски денеска го повика Забрчанец да одговори на неколку прашања, произлезени од наводите кои вчера во јавно писмо ги објави осудениот Бојан Јовановски.

-Вчера Бојан Јовановски, сопственик на медиум, според Зоран Заев провладин медиум, директно го именува Марјан Забрчанец, пет години главниот човек на Заев за владината пропаганда, дека тој ги пишувал текстовите и испраќал содржина за вестите на 1ТВ, телевизија на Бојан Јовановски, со тоа што дневно испраќал, го цитирам писмото на Бојан Јовановски – „по 100 пати ми испраќал текстови и линкови кои мораа да бидат пласирани во етер.Ова е сериозно обвинување, имајќи предвид за видот, за содржината, за темите и за учесниците во емисиите, но и за уредничкиот состав на таа телевизија, во која што секојдневно гостуваа највисокиот државно политички врв, членови на СДСМ, коментира на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски.