Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со заменик-помошник на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент Хојт Брајан Ји, истакнал дека едностраните одлуки и насилното поништување на техничката влада ја усложнуваат длабоката криза и ја загрозуваат иднината на државата.
За СДСМ, рекол Заев, решенијата може да се бараат во рамки на принципите договорени во Пржино како владеењето на правото, одговорноста и создавањето на сите неопходни услови за слободни, фер и кредибилни избори. Во спротивно, револтот на граѓаните може да ескалира.
„Поништување на одлуката на Иванов за аболиција мора да се случи што поскоро. Основно демократско начело е дека сите граѓани се еднакви пред законите и тоа мора да се обезбеди. Владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни, фер и кредибилни избори се клучни процеси за враќање на правдата, слободата и демократијата во Република Македонија. Само така Македонија може да зачекори восигурна и подобра иднина за сите граѓани“ порачал претседателот на СДСМ Заев.