Премиерот Зоран Заев и кога беше само лидер на Социјалдемократскиот сојуз и сега како претседател на Владата е под постојани закани од атентат, соопшти министерот за внaтрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите.
Министерот нагласи дека додека Заев беше само лидер на опозицијата и кога ги објавувал материјалите од прислушувањето добивал индиректни закани, поради проектот „Вистината за Македонија“, овие закани биле пријавени во МВР и му било доделено полициско обезбедување.
Министерот појасни дека во тој контекст била дадена и изјавата на Заев во Црна Гора деновиве, дека неговиот живот може да биде загрозен, поради приближувањето на Македонија кон НАТО.
Спасовски рече дека во моментов нема никакви закани кон Заев.
Спасовски денеска одржа брифинг со новинарите на кој одговараше на прашања поврзани со екс началниците на УБК Грујевски и Бошковски кои чекаат екстрадици во Солун, за убиството на Мартин Јанушев, за 27 април, а меѓудругото и за ова прашање.
Во интервјуто за црногорската емисија „Жива вистина“ рече дека бил предупреден од безбедносни аналитичари на ризик од атентат.
– Сега некои аналитичари околу мене велат дека сега си ти на ред. Ако треба нешто да се случи нека се случи, јас сум прифатил да бидам премиер на мојата земја и на мојата држава и треба лидер, подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат моите граѓани, по цена, што биде нека биде – изјави Заев.