Државата, Владата, Министерството за образование и наука постојат за граѓаните, а двојно повеќе постојат за децата, рече Заев

Државата ќе скрати оттаму каде што е помалку важно, за да обезбеди средства за набавка на таблет уреди за сите дечиња од посиромашните семејства за да се чувствуваат еднакви со другите, порача денеска премиерот Зоран Заев.

– Државата, Владата, Министерството за образование и наука постојат за граѓаните, а двојно повеќе постојат за децата. Нема дилеми дека ќе направиме се за да обезбедиме еднакви услови за сите за никој да не се чувствува заборавен и сите деца, пред се, оние кои доаѓаат од посиромашните семејства, да бидат еднакви, рече Заев во одговор на новинарско прашање дали Владата планира да обезбеди средства за купување таблет уреди за учениците, на означувањето на завршетокот на инвестицијата за реконструкција на зелениот пазар Бит-пазар во Скопје.

Тој нагласи дека ќе ги следат работите и, како што кажа, ќе интервенираат секогаш кога ќе треба.

– Важно е да се знае дека ќе бидат обезбедени печатени учебници таму каде што нема таблет или каков било дигитален апарат за да може да се гледа наставната програма, посочи премиерот.

На тој начин, нагласи, сите дечиња не би се чувствувале еднакви, зашто некои ќе учат од таблети, а некои од учебници.

-Затоа наша тенденција ќе биде веднаш да дејствуваме и да обезбедиме еднакви услови за да не би се чувствувале поделени или заборавени дел од децата кои се од посиромашни семејства и кои не можат да обезбедат таблети. Државата ќе биде тука и ќе сториме се, ќе скратиме од таму каде што е помалку важно, да интервенираме на ова важно прашање, потенцира Заев.

Министерката за образование и наука Мила Царовска пред некој ден порача дека семејствата треба да одвојат по  8.000 денари за едно дете за подготовка за почетокот на новата учебна година во кои се вклучени и средствата за набавка на таблет уред.