– Аирлија народе, во една рака имаме НАТО, во другата успешен попис „Народе мој, eте ова се гигантски остварени проекти, на дело! Да сме горди на себе, со право сме горди – за само три години, тоа што било невозможно со децении – денес се непрценливи вредности, во нашите раце: во едната рака ни е НАТО, во другата рака – успешен попис. Нека е аирлија!, кажа претседателот на СДСМ Зоран Заев од митингот во Гевгелија. Тој потсети дека денеска е денот кога се одржа референдумот за Преспанскиот договор.
-Денешниот датум сведочи дека оваа држава има прогресивен народ со прогресивно раководство кое го заложи политичкиот рејтинг за доброто на граѓаните. На овој ден беше референдумот со над 600 илјади граѓани кои заокружија за НАТО, за Преспа, за Европската унија. Повеќе гласови не собрала ниту една политичка идеја, изјави Заев. Тој кажа дека три години подоцна сите граѓани заедно имаме голем заеднички успех, а тоа е, како што вели, успешниот попис кој вечерва заврши. -Вечерва во 20 часот заврши пописот, попишани се преку 99 проценти од граѓаните, односно над еден милион и 860 илјади граѓани, со што покажавме кој има капацитет, а кој нема капацитет, рече Заев.
– Ја осигуравме најголемата поддршка од Европа и светот од независноста досега Гевгелија е градот кој е европска порта, преку која ни влегуваат европски вредности, град – огледало на политиките на партнерства, а не на делби, кажа претседателот на СДСМ Зоран Заев пред гевгеличани. Тој потсети дека партијата го нуди „Најдоброто“, а доброто беше и победата над режимот и обезбедената слобода, рече лидерот на СДСМ.
На митингот се обрати кандидатот за градоначалник на Гевгелија Сашко Поцков.
– На 17 октомври одлучуваме дали земјата ќе оди напред или ќе се враќа кон режимот На 17 октомври не се само локални избори, на 17 октомври се дава потврда на исправната и европска политика. Одлучуваме дали Македонија ќе оди напред или ќе се враќа кон режимот. Дали сакаме иднина или сакаме минато“ кажа актуелнот и кандидат за градоначалник на општина Гевгелија од СДСМ, Сашко Поцков на трибината „Најдоброто за мојата општина“.
Како еден од најважните проекти за новиот мандат, Поцков го најави поврзувањето на водоводот на селата Негорци и Прдејци со Гевгелија, што ќе поминува низ технолошко-индустриската развојна зона.
– Со тоа ќе ги создадеме сите услови за да профункционира ТИРЗ, каде што ќе се носат нови фирми за нашите деца да работат тука, да примаат убава плата и да градат кариера. 21 век не е век на борба за живот, туку на усовршување и борба за квалитетен живот“ кажа Поцков.
Тој додаде дека помеѓу проектите е и доизградба на детската градинка „Сончогледи“ со што ќе се обезбеди сместување за 100 до 120 деца и среднорочно да се реши проблемот со недостаток на капацитет во Гевгелија. Поцков исто така најави дека за долгорочно решавање на овој проблем, се планира изградба на нова градинка.
Претходно претседателот на СДСМ, Зоран Заев присуствуваше на претставувањето на кандидатот за градоначалник на Дојран, Анго Ангов.
-Туристичката понуда овде во Дојран ја збогатуваме со капитален проект, со формирање и развој на автокамп „Николиќ“. Езерското крајбрежје во Николиќ и неговата околина одамна се познати по убавите плажи кои во минатото биле меѓу најпосетените места во Дојран. Време е да го вратиме тој сјај, преку формирање на авто-камп и кампинг зона за туристите, рече Заев кој ги повика на дојранчани на 17 октомври да гласаат за „Најдоброто“ и да го заокружат бројот 12.
Коалицијата предводена од СДСМ, денеска го претстави и кандидатот за градоначалник на Валандово, Перо Костадинов. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, им се обрати на граѓаните истакнувајќи дека СДСМ ја има најдобрата понуда и дека со Костадинов ќе продолжат успешните политики кои носат развој на општината.
-Во Валандово во овие четири години се работеше вредно, посветено и одговорно, со силна поддршка од локалната власт.Тој континуитет мора да се одржи во следните четири години. Таа силна динамика мора да продолжи. Затоа Перо Костадинов и неговите проекти во Програмата се нашата најдобра понуда. А меѓу проектите предвидени за следните четири години е и проектот Валандово – паметен град. Инсталација на клауд-системи за паметно осветлување, поставување на смарт-клупи во урбаните зони, бесплатни wi-fi зони на повеќе локации во Општината, се дел од проектот „Валандово – паметен град, рече Заев.
Владејачкиот СДСМ, вечерва во Скопје ја одржа Конвенцијата за општина Центар. На промоцијата заменик- претседателката Сања Лукаревска рече „ова не се историски избори, но изборот може да има историски последици, немаме време за невреме, немаме време ни за добро, сега е време за „НАЈДОБРОТО“.
– Нашиот политички опонент својата програма математички ја наслови – Три Пи, тоа е нивниот омилен сендвич : ПАРИ-ПАРТИЈА-ПАРИ. Велат, не можеле да претскажат каква ќе биде иднината ама со нив ќе била. Враќањето во вашата иднина оваа земја уште еднаш нема да го преживее. Ова не се историски избори, но изборот може да има историски последици, решенијата се само навидум лесни зашто од овој скап кафез во срцето на Скопје, од над 700-тини милиони евра и со отворена врата тешко се полетува. Одговорноста е она што го одликува СДСМ, одговорност имаме секој ден и за секој граѓанин, но имаме одговорност и да не дозволиме режимот од Белата палата повторно да не врати во калтта“, рече заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, на трибината во Општина Центар.
Вечерва на плоштадот „Јадран Сквер“ се обрати и кандидатот за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски. За проектите Герасимовски рече дека ќе работи според приоритетите кои веќе му се лоцирани, а фокусот ќе биде ставен во чистата животна средина и подобрување на хигиената во општината.
„Многу сум среќен што сум меѓу пријатели и прекрасни луѓе. Центарци секогаш биле гласни и цврсти во своите ставови. Со центарци нема шега, тоа ВМРО-ДПМНЕ најдобро го знае„ вака Горан Герасимовски го започна своето обраќање пред присутните. Герасимовски истакна дека е спремен да ја прифати градоначалничката позиција и дека центарци секогаш бирале луѓе кои се блиску до граѓаните, одговорни и кои знаат да слушаат и учат но и вистински да служат.Со проширување на дејноста на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и секогаш. Во инфраструктурните инвестиции предвидени се нови градинки во населбите Пролет и Маџир Маало, како и доградба на училници во ООУ „Коле Неделковски“. Посебен фокус ќе бидат младите, поддршката за нив и стимулацијата да напредуваат во секој аспект. Токму затоа максимум ќе вложуваме во нивниот развој, обезбедувајќи финансиска поддршка, но и подобри услуги на локално ниво“ рече Герасимовски. На крај повика на масовна излезност на претстојните избори ги повика граѓаните да дадат поддршка и гласаат за бројот 12, да гласаат за подобар Центар.
На Конвенцијата се обрати и носителката на листа за Советот на Општина Центар Андријана Будимир – Филиповски.
-Она што е наш приоритет е чиста животна средина, почист Центар, продолжуваме со енергетски ефикасни фасади. Ветуваме квалитетна инфраструктура, безбеден сообраќај и нови паркинг-места. Ќе ги ослободиме тротоарите за пешаците и ќе создадеме услови за нови велосипедски патеки. Ќе работиме нашите најмили и најмали да добијат најквалитетни услови за образование и престој“, рече Будимир – Филиповски.