Македонскиот премиер, Зоран Заев нема ништо против протестот на ВМРО-ДПМНЕ што е најавен за вечерва пред зградата на Владата во Скопје. Од Штип, каде претпладнево беше на увид во градежните работи на експресниот пат до Радовиш, тој порача дека опозицијата има право на такво нешто.
„Секоја опозиција е многу важна и има улога во општеството. Во нормална, демократска и слободна држава таа критикува и дава предлози за унапредување на севкупното работење во Република Македонија“ , рече Заев.
Заев нагласи оти ќе обрне особено внимание на пораките што ќе произлезат од протестот и изрази желба и уверување дека ќе мине во најдобар ред, особено безбедноста на граѓаните кои ќе решат да дадат поддршка на настанот.