Министерството за култура денеска соопшти дека вчера се одржала средба на премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми на која било усогласено, комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси да им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.
Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, се вели во соопштението.
-Премиерот Заев и министерот за култура Адеми го носат ова решение како резултат на слушнатите ставови на културните работници и најавуваат дека дијалогот со фелата од културата ќе продолжи со цел унапредување на меѓусебното разбирање и поддршка на развојот на културата во државава. По тој повод, министерот за култура Адеми ќе ги покани сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во Mинистерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси. Исто така, министерот Адеми останува отворен за укажувањата и потребите на националните установи со чии раководители е во постојан контакт и за кои, според Законот за културата, се можни промени во финансирањето во текот на целата година, се вели во соопштението.
Од Министерството исто така посочуваат на, како што се вели, „сериозни системски недостатоци во Законот за култура во поглед на моделите на финансирање на проектите во културата“.
-Во Министерството за култура веќе во поодмината фаза е постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, по чиј предлог-текст досега имаше две јавни расправи. Укажуваме дека со новиот закон ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време. Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата, се наведува во соопштението од Министерството за култура.
По објавувањето на Годишната програма на Министерството за култура за финансирање проекти, во јавноста се појавија голем број реакции за несоодветна распределба на буџетските средства. Комисиите одново ги разгледуваа проектите за кои имаше укажувања, и на прес конференција објавија дека направиле пропуст само за фестивалот Златно славејче.
Претседателот на Комисијата за фолклор и музички дејности, Плеурат Гаши тогаш изјави дека ако министерот им нареди да ги проверат и апликациите за кои веќе доделиле пари, ќе го направат тоа.
По реакциите во јавноста премиерот Заев кажа дека дел од Конкурсот ќе биде поништен.
„ Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена. Освен за националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена, рече Заев.
Антикорупциската комисија на сендицата во петокот најави дека отвора предмет и за Годишната прграма за култура и ќе се проверува како е направен изборот на настаните и институциите кои ќе добијат државни пари.
-Сензитивноста на ова прашање , што се крена во јавноста, ние веднаш го поставивме како точка на дневен ред. И сметам дека треба да ја задолжиме службата во врска со ова, да постапи согласно процедурите, вели претседателката Билјана Ивановска.




