Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска предупреди дека Европјаните во светот нема да можат безбедно да се движат по улица, доколку не се промени ставот кон Турција и ја повика Европа да ги почитува правата и демократијата, објави Ројтерс.
-Доколку Европа продолжи вака, ниту еден Европјанин во кој било дел од светот нема да може безбедно да се движи по улица. Ние како Турција ја повикуваме Европа да ги почитува човековите права и демократијата, рече Ердоган во изјава за локалните медиуми во Анкара.
Претходните недели турскиот претседател води жестока дипломатска војна со ЕУ, што започна откако одредени европски земји како Германија, Холандија и Австрија им забранија на турските министри на нивна територија да држат политички митинзи за да ја убедат турската дијаспора да го поддржат референдумот на Ердоган за проширување на претседателските овластувања.
Во екот на тензиите, Ердоган, потезите на Холандија и Германија ги спореди со нацистички мерки и ги нарече „бандитски држави“.
Австрија подготвува „Лекс Ердоган“
Иако многу аналитичари тврдат дека оваа „офанзива“ на турскиот претседател е насочена исклучиво за собирање поени на домашен терен, за во април да добие апсолутна власт на референдумот, на Европа таквиот став воопшто не и се допаѓа.
Така, Австрија го стави на гласање во Парламентот законот за забрана на турските политичари (на чело со Ердоган) да држат митинзи во оваа земја. Законот веќе е наречен „Лекс Ердоган“.
Измената на законот треба, како што е најавено, да ја помине собраниската процедура до крајот на месецот. Според овие измени, можна е забрана на сите настапи на турските политичари во Австрија пред референдумот во Турција, на 16 април.
Иако овој закон е наменета сега само за турската предизборна кампања во Австрија, тој ќе биде применуван и во слични случаи во иднина. Имено, австриската влада планира да ги забрани настапите на сите странски политичар на тлото на Австрија.




