Министерството за правда нема да го коментира мислењето на експертите на Венецијанската комисија за Законот за јазиците сè до неговото усвојување, кога, како што велат, станува официјално.
Кога ќе биде усвоено, велат дека ќе биде имплементирано.
– Мислењето на експертите на Венецијаска комисија е класифицирано сè до неговото усвојување од Комисијата кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да го коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него, велат од Министерството за правда.
И пратеникот од ДУИ Артан Груби вели дека какво и да е мислењето од Венецијанската комисија, тоа ќе се почитува. Но, истакнува дека ниту една цена за имплементација на некој закон не е поголема од цената на мирот и добрите меѓуетнички односи, а зaконoт за јазици тоа го носи.
– Не е примено мислењето на Венецијанската, но какво и да е, ние ќе го почитуваме. Во оваа драфт верзија, Комисијата ги поздравува унапредените јазични права на и изразува загриженост само во делот на цената на чинење на неговата имплементација. Цената на мирот на еднаквоста и меѓуетничките подноси е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор. Комисијата го поздравува и дава позитивно мислење за употреба на албанскиот јазик кај партиите и униформите, вели Груби.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов смета дека треба да се почека на официјализирање на мислењето и дека не коментираат нацрт верзија.
-Непринципиелно е да коментираме драфт верзија, секако мора да оставиме Венецијанската комисија официјално да излезе со нејзиното мислење, потоа ќе може да коментираме. Зошто не го коментираме? Од причина што сеуште постои комуникација помеѓу институциите и Венецијалнската комисија во однос на насоките, мислењата, а со тоа се потврдува дека може да претрпи промени до официјалното објавување на нивното мислење, секако ќе оставиме простор да излезе официјалното мислење на Венецијанската комисија, а потоа ќе можеме конкретно да ги коментираме нашите ставови, рече Костадинов.
Но, од позициската ВМРО ДПМНЕ сметаа дека ова е „правна шлаканица за целата Владата“ и според него треба да биде прифатена од премиерот, кој според него треба да го исполни своето ветување дека забелешките на Венецијанската комисија ќе бидат преточени во амандмани.
– Бараме веднаш да се повлече и Закон за инспекторат за употреба на јазиците кој е во собраниска процедура. Ние сметаме дека законот од 2008 година е применлив, и може треба да се прилагоди уште малку. Но, на тој закон немало вакви ригидни забелешки и правни недостатоци кои беа посочени од Венецијанската комисија за овој закон за кој предупредувавме дека е неефикасен и е повеќе политички, а не подобрува јазични стандарди или права, вели пратеникот Антонио Милошоски.
Законот за употреба на јазиците е донесен со Бадентеров принцип и нема враќање назад, е ставот на Алијансата за Албанците.
Според оценките на Венецијанската комисија, како што објави „Плусинфо“, Законот за јазиците ќе го загрози функционирањето на целиот судски систем и препорачува негово преиспитување.
Венецијанската комисија препорачува преиспитување на Законот за јазици
– Многу одредби од Законот за јазици (од 2018 година) ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите на Северна Македонија за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници, пишува „Плусинфо“.
Според мислењето на Венецијанската комисија во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена.
Ова се дел од оценките во нацртот на заклучоците на Венецијанската комисија, што официјално ќе се објават на 17 октомври. Нацртот е подготвен на 27 септември годинава.
За примена на законот, формирана е нова владина Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија, каде шо за прв директор е избран Илбер Села.




