В четврток и петок во Брисел ќе се состанат шефовите на држави и влади на Европската Унија. На агендата на лидерите ќе се најдат трговијата со САД, односите со Русија и со Турција, Западен Балкан и Брегзит.
Лидерите ќе ја разгледуваат новата европска стратегија за проширување кон Западниот Балкан, презентирана на почетокот на февруари, а можна е и размена на мислења околу спорот за името меѓу Македонија и Грција во тој контекст, тврдат европските дипломати.
Западен Балкан е приоритет и на бугарското претседателство, лидерите ќе разговараат за претстојниот самит во Софија. Некои европски држави стравуваат од тоа самитот во Софија да биде перцепиран како „самит на проширувањето“ и ќе бараат фокусот да биде ставен на други помалку политички чувствителни теми, како што се инфраструктурното подобрување на регионот или намалувањето на цените за роамингот помеѓу ЕУ и Балканот.
В петок, британската делегација ќе го напушти Брисел, а европските лидери ќе се состанат под форматот „член 50“ односно без Велика Британија за да дискутираат за Брегзит. Двата преговарачки тимови неодамна постигнаа договор околу транзицискиот период за напуштањето на ЕУ, останува на лидерите да го прифатат или не овој договор.
На крајот ќе се состанат само 19-те лидери на Еврозоната за да разговараат за реформите и продлабочувањето на фискалната и монетарната унија.




