Амбасадите на САД, Франција, Германија, Италија и Велика Британија во Приштина се загрижени поради застрашувањето и притисокот врз граѓаните на Косово кој може да се забележи во пресрет на парламентарните избори кај овој наш сосед.
Петте земји испратија соопштение во кое велат дека “во изминатите денови добивме бројни загрижувачи извештаи околу тоа дека се прават обиди за влијание врз резултатот на изборите на Косово преку закани и заплашување. Очигледно дека има обиди за заплашување на Србите на Косово за да гласаат на одреден начин. Ваквите акции се тотално неприфатливи. Ги повикуваме оние врз кои се прави притисок да не попуштаат и бараме од косовските власти и полицијата да направат истрага”, велат овие земји.
Шефовите на мисиите на ЕУ и ЕУЛЕКС на Косово исто така издадоа соопштение во кое бараат од политичките актери да се воздржат од пракси кои се спротивни на демократските принципи. “Косово има право да избере лидери без страв од мешање” и тоа “го заслужува”.
Известувачот на Европскиот парламент за Косово, Австријанката Урлике Луначек ги повика косовските граѓани да не гласаат за лица кои не можат да придонесат за исполнување на двата услова за визна либерализација – демаркација на границата со Црна Гора и борба против организираниот криминал.
Парламентарните избори во Косово се одржуваат на 11 јуни во недела.




