Доволни се 27 години власт за Блез Компаоре, му порачаа денеска демонстрантите во Буркина Фасо на актуелниот претседател, кои упаднаа во зградата на Парламентот и ја запалија.
Полицијата прво ги потисна демонстрантите употребувајќи солзавец, но тие се прегрупираа и се вратија во поголем број и тогаш упаднаа во зградата на Парламентот.
Тензиите се зголемија во пресрет на гласањето за законот со кој би бил изменет уставот, така што претседателот Блез Компаоре следната година повторно може да се кандидира за изборите.
Измените на уставот денеска требаше да бидат изгласани, но демонстрантите изјавија дека нема да им дозволат на пратениците да влезат во Парламентот.
Демонстрантите најавија упад и во други владини институции во Уагадугу. Тие веќе влегоа во зградата на државната телевизија и ја ограбија, па програмата повеќе не се емитува.




