Европската унија пред се но и Унгарците се во исчекување на резултатите од референдумот за задолжителните квоти на прифаќање мигранти. Според првичните индиции, повеќето од оние кои гласале се против системот на квоти за кои се залага ЕУ, но во прашање е цензусот за тоа дали доволен број Унгарци излегле на гласање.
Премиерот Виктор Орбан е против планот за распределба на 160.000 мигранти низ ЕУ, што значи дека неговата земја би требало да стане домаќин за речиси 1.300 баратели на азил.
Унгарија е една од земјите кои се противи на мерките на ЕУ за справување со кризата, откако најпрво ги затвори границите со Србија и Хрватска, што се покажа како популарна мерка внатре во земјата но надвор од неа е строго критикувана.
Како што пишуваат медиумите од светот, доколку референдумот не успее поради неопходниот цензус, тоа ќе биде пораз за владејачката партија која потроши многу пари на кампањата за глас против мигрантите.
Прашањето на кое Унгарците денеска гласаа беше: „Дали сакате ЕУ да биде во можност да распределува релокација за луѓе кои не се државјани на Унгарија внатре во Унгарија без согласност на Националниот Парламент?“
Според Виктор Орбан, државјаните на земјата знаеле денеска за што гласаат и за самото значење на референдумот.
– Унгарците знаат од какво значење е ова. И важно е бидејќи не се работи само за волјата на Владата или Парламентот. Се работи за гласот и волјата на граѓаните, а тоа е најважно, изјави Орбан по затворањето на гласачките кутии.




