Зборовите демократија и слобода “немаат вредност“ за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој повика на масовни апсења на новинари, адвокати и политичари.
Во средината на изминатава недела во Турција беа уапсени 50 луѓе, меѓу кои активисти, академици и новинари во бран на полициски рации.
На Ердоган не му се допаѓа критиката која ја добива за владеењето на право, демократијата и слободите во Турција, и смета дека оние кои го критикуваат не и мислат добро на неговата земја.
– Оние кои се од наша страна и се борат против тероризмот се наши пријатели. Сите кои се од другата страна се наши непријатели, изјави Ердоган на една од турските телевизии.
Според него под називот “терористи“ треба да се третираат и политичари и активисти и новинари бидејќи обезбедувале можност за да се создадат услови кои се вон интерес на Турција.
Иако првичните информации беа дека полициските акции биле насочени кон приврзаници на забранетата партија ПКК, пријатели на оние кои се најдоа во притвор, тврдат дека помеѓу нив имало и академици кои потпишале декларација за мир.
Курдските групи во Турција се сомничат за бомбардирањата кои минативе недели се случија во Анкара и Истанбул. Во декември минатата година, на јужниот дел од земјата, каде што малцинствата се погласно бараа автономија низ годините, беа убиени стотици цивили а домовите ги напуштија околу 350.000 луѓе.
Ердоган, кој постојано е критикуван за непочитување на човековите права, неодамна го презеде и критичкиот весник „Заман“ а оттаму ги уапси и новинарите. Следниот ден, весникот осамна со насловна на која се најде токму тој.



