Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Скоро секој ден медиумите ќе пренесат или ќе модифицираат нечии зборови, со очигледна цел да ги конзумираме сосе сервираната емоција. Всушност, емоцијата што се сервира e најважна. Значи, целната група – конзументите на новости – без одмор се вари во пропаганда како жабата од познатиот експеримент.

Сами по себе методите на пропагандата не се зли кога промовираат благородни човечки вредности (слични методи има во педагошки припремените материјали во наставата со помали деца). Но, кога се спротивни на вредностите, може опстанокот да ни зависи од нашата моќ за нивно препознавање и неутрализирање. Пропагандните центри со тесни сопствени каузи, некомпатибилни со добробитта на луѓето во државата (не само нашата) и воедно игноратни кон опстанокот или развојот на човековата раса општо, не одмараат со дезинформациите, поларизацијата меѓу конзументите и, најстрашното, редефинирањето на поимите кои се поврзани со човечките вредности. Веќе не е доволно една посилна црна пропаганда само да ја проверат сервисите за проверка на факти и да ја означат со сеопфатниот термин „дезинформација“ или „лажни вести“, туку секој од нас треба да се вгради во општеството така што ќе ѝ одзема од ефективноста.

Засега изгледа како црната пропаганда да не чувствува особена ентропија, одземањето или преправањето делови од вистината како да се попробивни отколку целосната вистина. Оние кои работат насочено во интерес на опстанокот и добробитта на луѓето изгледаат како да се оправдуваат кога ги демантираат дезинформациите, наместо помоќно, наоружени со вистината. Зошто излегува сето тоа така? Нели изгледа нормално – извртувањето во дезинформација и повторната реституција на една информација во јавниот простор – да бараат приближно исто количество труд? Да се изврти информација не е многу тешко, има цела листа на формални и неформални логички недоследности, пропагандистот може да бира аспект. Демантирањето на дезинформацијата навидум изгледа дури и малку поедноставно – изворот ги изнесува фактите и означува дека дезинформацијата не е точна. Така и вообичаено се прави. Но, гледаме дека тоа не е доволно за неутрализација на вперената пропаганда. Некогаш дури и ја зајакнува, како основа за ширење параноја од следење и/или обвинување за цензура.

Притоа, јавните личности, како истакнати точки со мерлив импакт во комуникациската (и медиумска) мрежа пречесто во своите искажувања немаат еквивалентно висока свест соодветна на тој импакт. Често, тие исклучиво се потпираат на својот ранг во некоја организација. Второво, сведоци сме, води во недоволна свест за ефектот на искажаното (пример е Мицкоски), или уште полошо, чувство на заштитеност, имунитет (неважно е дали законски го има – бидејќи чувството го води кон злоупотреба на истиот) за потпросечност (пример е Трајанов), несодржајна вулгарност (пример е Дафина Стојановска која користи опсцености кои не придонесуваат за зајакнување на аргументите), директна нечовечност, неодговорност во искажувањата (пример е Апасиев) или извртување на фактите, погрешни податоци (Миленко Неделковски е најпознат по тоа). Затоа, би било добра практика, да не чекаме пропагандата од јавна личност да ја неутрализира некој кој има еднаков или поголем комуникациски и медиумски импакт од јавната личност, туку сами за себе да си го овозможиме тоа.

Ми се чини дека пропагандните пораки од поодамна се комплексни конструкции од резултати на аналитика, а не само лаги или полувистини, а ние, наивни или не, мора да си воведеме некој репер за размислување, макар почетен, за да ни се подобри квалитетот на животот и моќта на расудување, а од друга страна, сепак да продолжиме да примаме медиумски содржини (односно да не ни е апстиненцијата од вести – спас). Еден рецепт за ловење па неутрализирање штетна пропаганда  би можеле да го формулираме, на пример, вака:

– да ги согледаме елементите на пропагандата кои се против човечките вредности,

– да го разоткриеме обидот за вмрежување на тие елементи од пропагандата кон елементи од општествениот систем на вредности и, најтешкиот дел,

– да направиме соодветен нејзин деструктор (термин позајмен од објектното програмирање, не од тероризам!), отпорен на дополнителни, поврзани видови недоследности. Тоа не е контрапропаганда (макар што во „густи“ ситуации таа може да послужи како фластер).

Не знам за вакво организирано дејствување, но поединечно би функционирало доколку голем број на луѓе дејствуваат така сами за себе, така што „информациската енергија“ на пропагандата да не останува цело време поголема, просто, да доживее задушување попат. Моментално пропагандата работи организирано, насочено и наменски, најчесто со економски мотиви. Обидите за борба со неа, пак, најчесто се прават неорганизирано, волонтерски, граѓански, понекогаш и од владини службеници на лична иницијатива, на темата на која имаат мандат да дејствуваат. Но, да замислиме, наместо спорадични обиди за борба, секој од нас да го има знаењето во малиот прст како да се одбрани од лажност! Тоа е една од основните особини за опстанок на суштествата кои живеат колективно. Оние кои живееле во маало ја разбираат суштината на тоа, заедно сосе техниките за скенирање на говорот на телото, тонот на зборување и друго, користејќи ги своите сетила. Но, на социјалните мрежи и другите медиуми – немаме таква можност, или многу е намалена. Како да знаеме што е вистина, кој што ни мисли, кога ги немаме информациите од другите наши сетила?

Двете страни, ботови, лажни вести, итн. од една страна и конзументите на вести од друга, ја прават пропагандната инфекција пораширена и посериозна. За првата страна преземени се некои чекори од компаниите на социјалните мрежи во однос на економската (не)исплатливост, политики од разни невладини тела, единици против сајбер криминал во полицијата, итн. Втората страна зависи од образованието и самодисциплината – да се застане и да се мисли. Потешко отколку скролање надолу, или пасивно гледање ТВ, нели?

Конечно, како изгледа конкретно ловење и неутрализирање на пропаганда?

Не може, а да не се спомене на таа тема Макроновата „вакцинација“ на ботовите привлечени со божемното истекување на мејлови во кампањата за избори во зимата 2016-2017 година и  затоа лесно дискредитирање на ботските содржини. Да ја споменеме и играта getbadnews сериозно креирана од страна на истражувачи од Кембриџ (трудот во списание за истражување на ризици “The Fake News Game: Actively Inoculating Against the Risk of Misinformation” ја опишува нејзината едукативна улога) , која им помага на играчите да сфатат како пропагандата функционира додека самите креираат дезинформации во неа. Или стратегијата на „поплавување“ на страните на лажните вести со „Поврзани вести“ на темата, а кои пружаат вистински факти. Тоа се стратегии за неутрализирање на пропаганда кои се за почит.

Сепак, може да си поиграме малку, како мал пример, по горниот рецепт, како да си неутрализираме пропаганда сами за себе. Оти, навистина, кој толку би бил педантен, а и со ризик да ја влоши  ситуацијата, па да демантира јавно болва по болва од пропаганда! Овде, како модел-играчка, во улога на мала болва, ќе ни биде реченицата околу 23:36 од интервјуто на Мицкоски на А1on од 28.10.2022, иако забележав и други пропагандни елементи, воглавно слогани и упростувања во истото интервју: дезинформациите биле „фолклор“ секаде, градоначалничката на Скопје не била (не личела на) дама, сопруга, мајка ако го прозива така, поврзување на овие улоги на жената со „човечко достоинство “ (навистина, што е дама?), не бил психолог за да предвиди туѓо однесување, афирмира „разликизам“ по разни основи, идентитетот го толкува како етницитет, потоа, да се има цел за „поинаков начин“ не значи ништо во однос на вредноста на таква цел, па слободен човек бил најпаметен човек, итн., многу бубачки. Имено, кажано во контекст на тоа дека на државниот врв му била „полна устата со обединување“, веројатно мислејќи на говорот на премиерот за празникот, а кој користи само нормална формулација, во прво лице множина, „да се обединиме околу идејата и патот на Македонија кон ЕУ“, ми доаѓа на рака згодно таа, една „бубачка“, околу 23:36:

„Отворањето на македонскиот клуб ‚Никола Вапцаров’ во Благоевград е одлична можност државниот врв да се обедини и да дојде заедно со мене таму…“

И претходно, и потоа во интервјуто недостигаше информација од негова страна, но и прашање од страна на новинарот – кој го отвара клубот, но до тој момент, тоа се дозна јавно. Изоставање на важен факт според кој ние ќе може да оценуваме за исправноста или неисправноста на одлуката на државниот врв да (не) отиде на тоа отварање, е манипулација, односно антивредност. Дали може прво да почувствуваме, а потоа и појасно да согледаме дека во содржината само на овие неколку збора има имплицитни пропагандни пораки, а потоа и менување на значењето на зборот „обедини“? Односно, сте го користеле ли досега лично изразот „да се обедини“, или, евентуално, заповедно, „обедини се“?! Веројатно, не. Чувството дека нешто не е во ред, присутно е.

Што значи „одлична можност“? Што е одлично тука? Јас мислам дека тоа е пропагандната порака: „Партијата е онаа која дејствува исправно со својата посета на клубот. Континуирана исправност, се разбира. Затоа, (заради исправноста) имајте мир во својата верност кон партијата“.

Пропагандната порака на „да се обедини“ (наместо „да се обединиме околу идејата…“) ја скенирам вака: „Морално супериорни, ние (нашата партија), го повикуваме државниот врв да дојде, а со тој чин да покажат дека се ваши, а со тоа наши (со истиот идентитет, кој е само етницитетот, ништо друго)“.

Малку наредбеното „да дојде“, заедно со претерувањето со „одличното“, ми изгледа како: „Предвидуваме дека тие нема да дојдат, не го негуваат со ритуали (вака) вашиот, воедно наш идентитет, значи тие не се ваши, туѓи се“ (ова и поексплицитно го нагласи повеќе пати претходно и потоа, не е скриено).

„Со мене“ го гледам како: „Јас сум вистинскиот лидер кој мисли за вас, ако треба и наместо вас, мене ќе ме послушате, мене ме послушуваат“.

Притоа се прашуваме: Што од ова не ми „штима“ по моите вредности? Нема мрза тука, па сѐ да ми е во ред. Да се разбудиме ако само ни е во ред, а не сме воодушевени. Не сме зомби. А потоа, да се самокритикуваме: „Дали моите вредности се во согласност со напредните цивилизациски вредности?“ без самопопуштање и прескокнување. Идентификувајќи ги пропагандните пораки, би требало да согледаме недоследности и да имаме претходно формално знаење за нив. Тоа е нашиот штит, нашата алатка, нашата когнитивна замена за скенот со сетилата. Секоја недоследност е некаква манипулација. Колку е црна, значи колку нарушува некоја човечка вредност. Дали сте одлучиле, дека, на пример, етничката припадност ви има повисока вредност од, на пример, инклузијата? Тешко прашање? Ќе дозволите ли да ви олесни лидерот, можеби?

Во реченицата, претежно во делот „…одлична можност државниот врв да се обедини и да дојде заедно со мене таму…“, ги наоѓаме следните напади на нашата моќ за расудување:

– димна завеса (gaslighting) во сугестијата за својата исправност во посетата на клубот преку придавката „одлична“, без да ги земе предвид аргументите од другата страна (државниот врв) зошто не доаѓаат,

– лидерска болест – не треба да се прашува што е исправно („одлична можност“), тој знае, прави и ни кажува на сите, нема што ние да мислиме тука,

– димна завеса во сугестијата за личен интегритет/авторитет преку завршното „со мене“ за исправноста на посетата, односно преку отворена презентација на лидерската болест,

– намерно игнорирање на аргументите од другата страна, а на нивно место во текот на интервјуто вметнување на други, „сламени аргументи“(според фалц-логиката на straw man), односно, застрашувачки за луѓето, „причини“ за постапката на другата страна. Сугерирање на недокажани и неподдржани „аргументи“, секако дека ја напаѓа моќта на луѓето да расудуваат,

– празна морална супериорност – евидентна е надуеноста со повикот – оние со мандат за водење на државата да дојдат „со мене“, интегритетниот. Празноста се однесува на базирањето на супериорноста врз негација на цивилизациска вредност, односно врз ритуал на зајакнување на „разликизам“ – Македонци наспроти Бугари, како и врз прост контраризам.

– идентитетскo присвојување – ниеден вистински Македонец (кој е за национална чистота, да крене рака?) не би пропуштил ваква „одлична можност“.

– менување на значењето на „обединување“ од рамноправно и заедничко дејство ориентирано кон идеја компатибилна со цивилизациска вредност, до придружување на инфериорни кон супериорен водач.

Отприлика вака би одел првиот чекор кој всушност би требало да трае околу 3-4 секунди во главата. Вториот чекор е откривање на обид за вградување на грешка во човекова вредност или востановено општествено правило. Во разгледуваниов случај, тоа се: обид за редефиниција на некои својства на интегритетот преку ритуален акт (посетата), замена на авторитетноста на носителите на мандат со авторитетност од етничката припадност плус лидерската болест која води во автократија и, секако, највпечатливосто, редефинирање на вредноста „обединување“ со „присоединување на инфериорен кон супериорен“, кое е чисто изместување вредности. Ова е основа за наоѓање на деструкторот на пропагандата во најинтересниот,  трет чекор. Тој е креативен и често не доаѓа веднаш. Но, ако сме стигнале до тука, треба да сме горди, позитивно возбудени и да си честитаме сами на себе.

Деструкторот би можел да биде ваков: Говорникот нема мандат, а потребно му е некој со мандат да го изврши ритуалот на посета. Тоа значи дека маскирањето во супериорен тип по разни други основи (по кои недоследно ги претставува другите дека се инфериорни) е со цел легално одобрување на ритуалот и натамошните последици од тоа, кои него, евентуално би го довеле до имање на мандат.

Дали овој текст е аd hominem на Мицкоски? Колку што е прегледување испитна задача ad hominem, значи не. Дали овој текст е пропаганда? Да, бела пропаганда, бидејќи првенствено е едукација.