Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), и понуди оставка на канцеларката Ангела Меркел, незадоволен од исходот на самитот на Европската Унија на кој се утврди новата миграциска политика.
Понудата на Зехофер за оставка, според некои германски медиуми, се уште се смета како неофицијална, и постои можност тој да се премисли. Зехофер и Меркел влегоа во конфликт околу мигрантската политика откако тој најави дека ќе ги искористи своите овластувања како министер за внатрешни работи да нареди враќање на дел од мигрантите кои се обидуваат да влезат во Германија. Партијата ЦСУ има поостар став кон мигрантското прашање од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел, и е поблиска по ова прашање до владите на Австрија, Италија и Унгарија.
ЦДУ и ЦСУ се во повеќедецениска коалиција и заеднички настапуваат на изборите во Германија. Но, со приближувањето на регионалните избори во октомври, и со намалувањето на популарноста на ЦСУ, на сметка на анти-имигрантската партија АФД, Зехофер најави раскинување на коалицијата, што може да предизвика и пад на Владата на Меркел.
Зехофер денеска најави дека очекува да има средба со канцеларката Ангела Меркел, на која ќе се разговара за неговата понуда да се повлече од функцијата. Средбата е предвидена за попладнево во Берлин.
Како министер за внатрешни работи Зехофер најави дека ќе воведе контроли и ќе почне да ги враќа мигрантите од германските граници дури и без согласност на Меркел, што претставуваше отворен предизвик до канцеларката да го смени. На минатонеделниот самит на Европската унија Меркел бараше поддршка од другите членки на ЕУ за да ги задоволи барањата на Зехофер, но Баварецот соопшти дека постигнатото на самитот не е доволно.
ЦДУ и ЦСУ се поголемиот коалициски партнер во широката Влада во која учествува и социјал-демократската партија СПД.




